Motherhood

Како да ги спречите отоците на нозете за време на бременоста?

За време на бременоста, доаѓа до задржување на водата во организмот, што доведува доеми, односно отоци. Поголем број бремени жени се среќаваат со овој проблем, најчесто после 27 недела од бременоста. Иако понекогаш се случува да дојде до отоци по целото тело, сепак најчести се отоците на нозете, посебно на делот кај стапалата.

post cover photo

Отекувањето е поттикнато од целодневното седење или стоење, па затоа се препорачува повремено истегнување и движење додека трудницата е на работа. Погрижете се да имате удобни обувки кои ќе ги спречат болките предизвикани од отоците. Како што напредува бременоста, така и тегобите предизвикани од отоците ќе бидат се поголеми. Доколку покрај овие тегоби, се појави и повишен крвен притисок, веднаш треба да се јавите кај вашиот лекар за да ја утврди количината на белковини во мокрачата кои упатуваат на прееклампсија. Ситуацијата додатно ја отежнува и зголемувањето на килограмите за време на бременоста. Ако пребрзо се здебелувате, тогаш и отоците ќе ви прават поголеми проблеми. Среќна околност е што вишокот течност во организмот се намалува веќе со самото породување, така што после доаѓањето на свет на вашето бебе, се ќе се врати во нормала.

Како да се спречи отекувањето во бременоста?

За жал, отекувањето е невозможно да се спречи, но можно е да се намали и тоа на повеќе начини. Првиот начин е да се внесува доволно количество течности во организмот. Иако бремените жени имаат проблем со зачестеното мокрење, тоа не смее да ве спречува да внесувате доволно течности со што и ќе го спречите запекот. Тоа ќе ви помогне да го спречите и појавувањето на хемороидите.

Понатаму, обидете се да го намалите количеството сол кое го внесувате, зашто солта ја задржува водата во телото. Затоа, избегнувајте пресолена и зачинета храна за да ги избегнете дополнителните проблеми.

Трудете се да јадете разновидна храна, внесувајте многу овошје и зеленчук, пијте многу вода или свежо исцедени сокови и движете се. Кромидот и лукот можат да ви ја подобрат циркулацијата, додека јаболката, агрумите, магдоносот и целерот се сметаа за природни диуретици кои ќе им помогнат на бубрезите добро да функционираат.

Пушењето исто така влијае на задржувањето на водата во телото, па ако не сте престанале досега, ова е крајно време да го направите тоа за да го намалите ризикот за вас и за здравјето на вашето дете.

Избегнувајте конзервирана храна бидејќи содржи многу соли и конзерванси кои додатно ја задржуваат водата во организмот. Ако на работа премногу стоите или седите, одвојте неколку минути за да се прошетате или истегнете – вашите нозе ќе ви бидат благодарни. Секогаш кога сте дома, ставајте ги нозете на повисоко бидејќи така најбрзо ќе се ослободите од отоците.

Некои жени сведочат дека многу им помогнале чаевите од коприва и магдонос, но сепак за време на бременоста треба внимателно со чаевите; не треба да се претерува со количините. Се препорачува 1-2 шолји чај дневно. Кај некои трудници помага и ставањето облоги како и наизменичното туширање со топла и студена вода. Бидејќи секој жена е индивидуа сама за себе, испробувајте ги овие совети се додека не најдете некој кој има најдобар ефект врз вас.

Write A Comment