Motherhood

Како да препознаете таленти кај своето дете?

Психолозите проценуваат дека животните склоности и интереси кај децата се формираат многу рано и тоа до третата година. Музичките и уметничките способности се формираат дури и порано, до првата година. Заинтересирајте се за способностите, склоностите и талентите на вашето дете за да можете на време да почнете да ги поттикнувате.

Која е разликата помеѓу способност, склоност и талент?

Способности

Тоа се индивидуални, пред се физички и психички карактеристики кои укажуваат на потенцијалот на детето кон одредена активност. На пример, некои деца се особено еластични, подвижни и спретни што укажува на тоа дека можеби би биле добри за уметничка гимнастика, општо спорт или танц.

Склоности

Тие се формираат под влијание на средината, родителите, градинката, училиштето, воспитувањето. Ако родителите се активни спортисти или се посветуваат на читање, пишување или се доктори, со самото свое однесување ќе им го покажат на своите деца патот и често ќе влијаат на тоа кој пат ќе го изберат тие.

Таленти

За разлика од способностите, талентот е редок и извонреден дар кој го поседуваат многу мал број на луѓе. Талентот е посебна способност која е единствена и неповторлива. На пример, дете кое има еластично тело, важна предиспозиција за успешен танц или уметничка гиманстика, не мора да има и талент за да прави некои движења и може да биде неспретно. Од друга страна, дете кое е еластично и само создава чекори, спретно е, исклучително добро во своите изведби, брзо и лесно ги учи движењата, за такво дете може да се каже дека е талентирано. Со вежбање секој талент може да се искористи за големи успеси, но не е доволен само талентот па затоа треба да се негува и да се поттикнува од мали нозе.

Како да препознаете создавачки, интелектуални или спортски способности кај детето?

Набљудувајте го детето додека игра

Дали дава предност на музичките играчки, топките, куклите или можеби најчесто сложува коцки, црта, пишува.

Слушајте го детето како поставува прашања

Ако поставува детални прашања за предметите, како се направени, од што се направени, ако се обидува да ја растури играчката значи дека има склоности кон логично и техничко размислување. Ако ви поставува чудни и измислени прашања кои не ги разбирате и на кои не знаете да одговорите, веројатно има многу развиена фантазија и е склоно кон креативно изразување и уметност. Ако не поставува никакви прашања, можеби е само затворено, но во никој случај тоа не мора да значи дека нема никакви интереси и склоности. Побарајте ги преку разговор или набљудување и потрудете се да ги поттикнувате талентите, особено кај срамежливо дете.

Набљудувајте ги реакциите на детето

Ако види молив и веднаш сака да црта, можеби има талент за цртање, ако види велосипед или ролерки и сака да ги обуе и да ги вози, можно е да биде успешен спортист или ако слушне музика и неговите очи живнат, брзо почне да танцува или пак фати некој инструмент штом го види, можеби во иднина го чека музичка кариера.

Тест со цртеж за деца од 2,5 до 3 години

Замолете го детето да нацрта животно кое е од неговата фантазија. Кога ќе заврши со цртањето, нека ви објасни што нацртало и што може да направи тоа животно, зошто е во таа боја, зошто има долги нозе, зошто има крила, знае ли да плива…како се вика? Од ваков раговор можете многу да дознаете за тоа што размислува вашето дете, што би сакало да оствари, што сака да прави, што мисли за себе.

Write A Comment