Motherhood

Казна за детето ДА, но каква?

Додека порано родителите над своите деца имале неограничена власт, денес многу земји со закон го регулираат родителското право на телесно и понижувачко казнување на детето. Освен телесното казнување, постојат и други видови на казни со кои родителите настојуваат да го елиминираат непосакуваното однесување на детето, а кои за развојот на детето може да бидат многу штетни.

Во осумдесеттите години на минатиот век Конвенцијата за правата на детето на Обединетите Нации за прв пат детето го набљудува како активен субјект и со тоа значајно го менува сфаќањето на родителската улога и суштината за правата на родителите и должноста на децата е заменета со правата на детето и одговорноста на родителите. Конвенцијата во неколку свои статии истакнува како детето треба да се заштити од сите облици на телесно и душевно насилство, како и од нечовечни и понижувачки постапки или казни. Во склад со тоа, неколку европски земји имаат забрането телесно казнување на детето.

Сѐ уште има заговорници, особено од постарите генерации кои велат дека ќотекот е дојден од рајот и дека детето не знае што е тоа дисциплина доколку не добие малку плескање, но таквите се сѐ помалку. Доколку се примени сила, ефектите се моментални, но не и трајни. Детето кое е физички казнувано секојпат кога нешто ќе погреши, не го учиме како да стане добро и послушно. Со удирањето, шлакањето и ќотекот на децата им се покажува како е во ред да се удираат други, за да се реши проблем и може да ги поттикне на казнување на други на ист начин како што се казнуваат тие.

Грубото тресење на детето за рамената, викање и непрекинатото казнување може да остават долгорочно лоши последици на менталното здравје на детето, тврдат експертите од Универзитетот од Монтреал. Според нивното истражување, претераната родителска строгост не резултира со посакуваната дисциплина, туку му наштетува на емоционалниот развој на детето и може да доведе до развој на нарушувања како што се социјална фобија, анксиозност и напади на паника.

Децата со ќотекот не се учат на само-контрола. Ќотекот можеби ќе го прекине несоодветното однесување во тој момент, но долгорочната цел на воспитувањето и учењето на децата на адекватно однесување не се постигнува со ќотек.

Од одамна казнувањето се сметало за неизоставен дел од воспитувањето на детето. Родителите употребувале широк спектар на постапки, од оние сосема ненасилните, па сѐ до постапки кои поради својот интензитет и колку често се применуваат може да се сметаат за малтретирање на детето. На секое дете му е потребна почит, физичка благосостојба, пофалба, внимание, доверба, љубов. Нежното родителство бара вештини, знаење и став дека децата не треба да се тепаат, туку да се третираат со почит и љубов.

Понекогаш родителите не сакаат да ги повредат децата, но се наоѓаат во ситуации кога нивните желби за контрола се посилни од желбата да не го повредат детето. Го користат удирањето на децата како начин да ја покажат својата лутина и неодобрување на детското однесување.

Постојат многу техники и начини кои можат да се употребат во одгледувањето, за децата да можат да научат да разликуваат тоа што е исправно од погрешно и да донесуваат паметни и мудри одлуки. Најмоќниот и најсилниот начин со кој се учат децата да се однесуваат примерно се наградите. Наградите како пофалбата, нежен допир, им покажуваат на децата дека се вреднуваат нивните напори и обиди, помагаат во развивањето на самодовербата на детето и добрата слика за себе. Децата ќе направат повеќе поради награда, отколку нешто што ќе го избегнуваат поради стравот од казна. Најголемата награда за детето е пофалбата.

Write A Comment