Motherhood

Кога родителот не го прифаќа детето…

Повремено јавноста е вознемирена и запрепастена од некоја трагедија во која настрадува мало дете.

Кога ќе се открие дека детето починало затоа што некој од родителите физички го злоупотребувал или затоа што било предмет на некој тежок облик на занемарување, луѓето се прашуваат: Како тоа можел/а да го направи?

Луѓето често веруваат дека односот родителот кон детето е генетски програмиран , во смисла дека секој родител нагонски би се жртвувал ако мора да избира помеѓу зачувувањето на својот или животот на детето. Токму ваквите трагични примери покажуваат дека ваквиот однос не е вроден, туку дека го одредуваат други фактори. На пример, 16-годишна ученичка која успешно ја криела својата бременост, се одлучила на чедоморство затоа што верувала дека раѓањето на детето, но и самото сознание дека родила, потполно би ја уништила нејзината можност да има младост каква што сака, дека потполно би и го уништило животот. Нејзината постапка е резултат на размислувањето: или тоа или јас.

Луѓето се подготвени да бидат родители тогаш кога се подготвени поради улогата на родител на некое време да го потиснат и исклучат оној дел од себе кој го нарекуваме „внатрешно дете“. Ако тоа не го сторат, а добијат дете, тогаш кон него можат да заземат став на повозрасно кон помладо дете: „Ти се роди и ми го упропасти животот. Подобро ќе беше воопшто да не се родеше“. Знаеме дека детето самостојно не е создадено, туку дека родителите учествуваат во неговото зачнување, но тоа не го знае родителското „внатрешно дете“ кое размислува ирационално, не прифаќајќи го ниту детето, ниту својата одговорност.

Некогаш ова отфрлање на детето е отворено и јасно изразено, а некогаш тоа е прикриено, така што постои само на психолошко ниво, кога се активира само во некои ситуации. „Поттикнувач“ на ситуациите се кога болното, нервозно или тврдоглаво дете подолго време г иритира родителот, па од него се јавува силен излив на омраза кон детето во вид на брутално насилство без никаква милост.

Секое дете има неприкосновено право да живее и постои. Покрај правото на љубов, тоа е главното право на детето. Затоа, ниту еден родител не смее да го негира ова право, забранувајќи му на детето да постои. Било која изјава или однесување кое може да се протолкува како упатување на „забрана на живот“ на детето, е психолошко злоупотребување на детето.

За оценката дали детето е злоупотребувано или не, пресуден е типот на односот на родителот или возрасниот во улога на родител (очув и маќеа) кон детето. Секое неприфаќање на детското право на постоење, секој сигнал дека постои прикриено чувство на омраза или презир кон детето, е повик на аларм.

Важно е за детето мајката и таткото да не бидат инфантилни и егоистични личности. Честопати, партнерите кои се добри за забавување не се добар избор за сериозна врска и родителство.

Напиши коментар