Родителите кои претерано се грижат, не треба да се гордеат со тоа. Изедначувањето на љубовта со грижата и загриженоста е многу опасно, бидејќи на тој начин на децата психолошки им забранувате да пораснат.
Во текот на неколкуте години по раѓањето детето е целосно беспомошно, така што мајката го опкружува со својата грижа и внимание. Таа успева да ги задоволи потребите на детето и да го стимулира развојот преку „читање на мисли“ кај детето кое сѐуште не проговорило. Мајката и малото дете се во психолошка симбиоза, бидејќи мајката функционира како детето да е дел од неа. А кога ќе почне да расте, да го разбира светот, оваа симбиоза полека се олабавува, за да се дојде до конечната цел – пораснување на детето. Еден од начините родителите несвесно да го саботираат пораснувањето на сопственото дете е да продолжат да се грижат за него тогаш кога тоа веќе не е потребно.
Секако дека родителите треба да се грижат за децата тогаш кога децата не се способни самите за тоа. Целта на секој добар родител е да го подготви детето за самостоен живот во опкружување од други луѓе, така што тоа постепено ќе го научи да се грижи за себе. А кога некој ќе се оспособи да се грижи за себе тој важи веќе за возрасен, бидејќи може да биде самостоен. Тоа некои родители го доживуваат како лошо нешто, односно како тие самите да се непотребни. И наместо да престанат да се грижат за детето кое добро се грижи самото за себе и да го сакаат без грижи, тие продолжуваат да изразуваат загриженост за своето веќе пораснато дете. Дури и кога истото веќе има дваесет, триесет, па дури и четириесет години. Мајките велат – додека сум жива, ти ќе бидеш моето дете! И затоа тие мајки не можат да заспијат се додека нивната триесет годишна керќичка, која отишла на журка во сабота навечер, не им се јавува на телефон кога стигнала дома, па дури и да се работи за три часот наутро.
Ако ќерката не научила да се грижи сама за себе, никаква мајчина грижа не може да ја заштити од било каква неволја. Нејзината грижа нема позитивна функција освен да го потврди односот на љубовта. Мајката верува: кога не би се грижела, би била рамнодушна, а тоа е негација на љубовта и доказ дека сум лоша мајка.
Не само што не е позитивно, туку изедначувањето на љубовта со покажување грижа е страшно негативно. Цело време кажуваат дека тие се одговорните за сопствените веќе возрасни деца, а децата се оние кои се неодговорни. Непотребно загрижените родители непрестано испраќаат две токсични психолошки пораки. Првата е дека нивното дете е неспособно, а другата е дека овој свет е многу опасно место за живот. Иако некои „деца“ ја препознаваат негативноста на ваквите пораки така што многу бурно реагираат, повеќето ги прифаќаат во помала или поголема мера. А откако ќе ги прифатат, доаѓа до синдромот на презаштитено дете, чии главни особини се пасивност поради убеденоста во сопствената неспособност и страв од надворешниот свет. И затоа родителите кои претерано се грижат, не треба да се гордеат со тоа.