Минатата сезона, тексас кошулите доживеаја враќање на модната сцена, а фактот што трендот датира пред три децении и сé уште е присутен, го прави ова парче облека безвременско. Верувам дека секој од Вас поседува тексас кошула, ако не нова сигурно заборавена vintage кошула во стариот плакар, “од времето на Вашите родители”. Со денешниот Направи сам туторијал ќе Ви покажеме како да ја надградите својата обична тексас кошула и да и дадете гламурозен сјај, во само неколку едноставни чекори.
Потребни материјали:
Тексас кошула
Украсни копчиња, циркони, полубисерчиња со разни големини, во компатибилни бои.
Лепак за текстил
Дрвено стапче и чечкалица
Мали клешти

Најпрво, исечете ги задните испакнати делови на копчињата, за да бидат рамни и подоцна полесно да ги залепите.

Ставете мала количина од лепакот на дрвеното стапче и со помош на чечкалицата нанесете малку лепак на задната страна на копчето.

Залепете го копчето на кошулата и оставете го така 2-3 минути за да се фиксира

Повторете ја постапката за останатите и не заборавајте пред лепење на секое следно копче/цирконче да направите двеминутна пауза за да не го изместите претходно залепеното.

По нанесување на сите детали, оставете ја кошулата 24 часа природно да се исуши. Следниот ден ќе имате нова, надградена тексас кошула и се што Ви преостанува е да ја облечете и прошетате низ градот.

