Грчките острови се спој од историја, убавина и љубов, па оттаму на нив и голем број туристи преку целата година. Се разбира, за оние кои ги сакаат плажите, летниот период би бил идеалното време за посета на овие мали парчиња рај. Но, толку многу острови, а толку малку време е најчестиот проблем кој се јавува во вашата намера да ги видите. Затоа, најверојатно ќе треба да се направи редукција и на желбите и на островите. Ова е нашиот избор од петте најубави острови на Егејското Море.
Како да стигнете до нив
Замислувајќи ја маршрутата од нашава земја, веројатно ќе тргнете со ваш автомобил или со организиран превоз од туристичка агенција. Но, за да стигнете до нив, секако ќе треба најпрво да стасате до Атина, односно, Пиреја – атинскиот град – пристаниште, од каде што мора да се качите на траект до омилените острови. Ако сте се одлучиле за првата варијанта, на островот ќе имате превоз до убавите островски плажи, а ако не, таму е најлесно да изнајмите скутер или велосипед со кои брзо и лесно ќе стигнете до вашето место за уживање.
Санторини
Овој остров го има најубавиот залез на сонцето. Тоа е место каде што се оди ако сте на почеток на некоја романтична врска, зашто таму сѐ е раскошно: почнувајќи од пејзажите до плажите со црн вулкански песок, преку археолошките наоѓалишта и тони историја.
Санторини е остров кој настанал после гигантска вулканска ерупција во 1500 год. пр.н. е. На средината на островот се наоѓа лагуната Калдера и токму погледот врз неа од околните села е незаборавен. Ако ја сакате историјата тогаш морате да го посетите Акротири, каде што можете да видите делови од села кои се уништени за време на вулканската ерупција. Плажите се исто така феноменални. Поради вулканската природа се со црн песок иако постојат и такви кои имаат бел или розеникав песок.

Миконос
Миконос е место за излегување ако забавата е вашата цел. Овој остров е неверојатно популарен па на исто место ќе видите и обични луѓе и мега популарни и богати. Постојат големи и убави плажи, многу ресторани и ноќни клубови, но вистинскиот бисер е стариот град кој е лавиринт како оној кај Минотаврот. Токму преку овој лавиринт ќе стигнете до Делос – центарот на градот, во кој живеат само туристи. Исто така дотаму можете да стигнете и со брод. Миконос е местото на кое се родени хеленските богови Артемида и Аполон, па оттаму, постојат многубројни храмови посветени на овие две божества.

Родос
Многу блиску до турскиот брег, Родос е место кое мора да се посети ако сте пациент за историја. Имено, на Родос е направена најголемата колонија од витези кои оделе во крстоносна војна и кои подоцна се протерани од Отоманското царство. Тоа е место на кое било сместено едно од седумте светски чуда на античкиот свет – Колосот од Родос. Наводно, делови од руините се продавале, па на еден еврејски трговец му биле потребни 900 камили за да ги однесе камењата.
Родос е поделен на два дела: нов град и средновековен град. Средновековниот е обиколен со средновековни ѕидини и бил дом на многубројната војска од витези. Тој дел од градот вреди да се посети зашто е многу добро зачуван и зашто низ него ќе пронајдете извонредно убави места, како што е делот каде што е сместен турскиот базар. Шетајќи, ќе го видите Мајсторскиот дворец, кој е неверојатно убав, а кога ќе се изморите, можете да посетите и некоја турска бања.
Новиот град пак имал силно влијание од Италија. Иако понов од средновековниот град, тој во себе крие многу убавини. Би можеле да се сместите во него, зашто е блиску до средновековниот и ќе можете лесно и брзо да стигнувате до саканите локации. Кога сте таму, не заборавајте да ја посетите Долината на пеперутките, која ќе ви пружи неодолива глетка за време на вашата попладневна посета.

Крф
Крф е многу популарна станица. Како и сите острови, има многубројни плажи, археолошки наоѓалишта и големи музеи. На островот постојат две тврдини од кои Венециската ќе ви понуди одличен поглед и архитектура. Другите места кои треба да се посетат се: манастирот Теотоку, дворецот Ангелокастро и местото Касиопи, кое било омилено место на Тибериј и Нерон.

Крит
Крит е најголемиот од грчките острови и дом на Минојската цивилизација. Поради тоа, тука постојат многу археолошки наоѓалишта и музеи. Со обиколката почнете од музејот Лихностатис кој е на отворено, тврдината Спиналонга, манастирот Аркадиј, Историскиот музеј на Крит и руините на Аптера.
Крит исто така има и национален парк, ботаничка градина, како и патеки за пешачење за сите оние изморени од музеи, руини и плажи. Љубителите на животни треба да го посетат Аквариумот и Паркот Амазонас кој е специјализиран за загрозени видови папагали.

