Motherhood

Работи кои треба да ги направите пред да дојде вашето второ дете

Немојте да ја пропуштите забавата заедно со вашето дете пред да дојде новороденчето. Без оглед колку сте возбудени поради доаѓањето на свет на бебето бр. 2, природно е да се грижите за тоа како вашето првородено дете ќе се чувствува откако ќе сфати дека нема да биде едно и единствено во домот. Добрата работа во ова е што имате девет месеци да го подготвите детето за она што допрва следува. Сега е време да прифатат дека ќе бидат поголем брат или сестра и дека е многу кул да се биде тоа.

Резервирајте авионска карта уште сега

Направете му на детето едно незаборавно искуство во кое подоцна и тоа самото може да учествува правејќи споменар од времето поминато во чекање да се појави малото бебе на свет. Сетете се дека патувањето со мало дете е премногу напорно, па веднаш ќе се одлучите на овој чекор. Ова е извонреден период да одите во посета на некои роднини или да видите некои природни убавини. Сликајте колку можете повеќе, за после, големото дете да може да направи специјален фото-албум наречен: „Додека те чекавме да дојдеш на свет“ наменет за новороденчето.

Купете поголем детски кревет

Ако вашето прво дете е доволно старо, (веројатно околу 3-4 години) треба да купите поголемо креветче. Овие планови е најдобро да ги правите со вашата принцеза или принц, неколку месеци пред да се појави бебето. Појдете во продавниците за мебел, разгледајте некои каталози, проверете што е најново на Интернет. Ова ќе биде возбудливо за вашето дете кое треба да го ослободи бебешкото креветче и да се пресели во поголемо, зашто и самото е големо, зар не?

Направете избор од играчките

Сите играчки со кои игра поголемиот брат/сестра, не се сигурни за бебето. Објаснете му го ова на детето, па во првиот слободен момент, направете список од сигурни и несигурни играчки. Најдете сигурно место за сите несигурни играчки кои бебето нема да може да ги дофати, но затоа поголемото дете одеднаш ќе се чувствува поодговорно.

Разгледајте ја старата облека заедно

Веројатно дома имате големи вреќи со израстена бебешка облека од првороденото дете. Сега е времето да се позанимавате со неа. Дури и ако вашето дете изгледа незаинтересирано, вие сепак почнете да вадите облека од вреќата. Кога ќе го извадите неговиот прв дедомразовски костим, речете: „Колку изгледаше убаво во ова“ и очекувајте детето веднаш да се заинтересира за одделувањето на облеката. Тогаш би можеле заедно да ги издвоите работите кои можете да му го ставате на бебето. Со тоа, поголемото дете ќе се чувствува важно зашто дозволува неговата облека да се пренесе на братчето или сестричето.

Земајте часови

За време на летото, можете да го запишете детето на часови по пливање на кои можете да одите заедно. Не заборавајте дека кога ќе се роди бебето, вие нема да можете многу да излегувате и да ги правите заедно активностите со поголемото дете. Замислете го ова како ритуал меѓу вас и постарото дете. Ако нему му се допаднат некои од овие активности, ќе можете да го запишете да оди редовно и кога во куќата ќе се појави неговата помала сестричка или братче.

Направете украси на ѕидот од детската соба

Забавувајте се додека со постарото дете правите слики кои ќе ги закачите на ѕидот од детската соба. Седнете го блиску до вас и прашајте го дали би сакало да учествува при уредувањето на бебешката соба. Тоа би можело да направи некакво ремек-дело кое ќе му го посвети на бебето и со кое секогаш ќе може да се пофали пред оној кој влегува во собата од бебето.

Купете му подарок на поголемиот брат/сестра

И самите сте возбудени кога гостите за вечера ќе ви донесат цвеќе или шише вино. Искористете ја истата стратегија и за поголемото дете. Купете нешто големо, нешто што можеби би сте му купиле само за Нова година и речете му дека тоа му е подарок кој доаѓа заедно со бебето. Дури и кога постарото дете знае дека бебето не може да му донесе ништо, тоа и понатаму ќе биде возбудено знаејќи дека има играчка која е нова и само за него.

Читајте му

Обидете се задно со нив низ книжарниците да пронајдете книги кои зборуваат за моментот кога децата стануваат поголеми браќа или сестри. Тие ќе ви помогнат во подготовката на детето за големата промена. Оттаму ќе научи дека бебето ќе плаче, ќе треба да му се менуваат пелени и дека самото ќе треба да се помага дома. На овој начин детето ќе знае што треба да прави, а и за сѐ што нема да му биде јасно, ќе ве прашува.

Разгледајте го фото-албумот

Децата сакаат да се потсетат на некои спомени исто колку и вие, па затоа земете го стариот фото-албум и разгледајте го заедно. Пронајдете ја сликата на која вашето прво дете било малечко бебе, а потоа покажете ја сликата на која сте вие опкружени со своите браќа и сестри. „И ти ќе бидеш поголем брат/сестра, како што сум јас на оваа фотографија“. Смејте се, разгледувајте, уживајте. И ако детето сака уште повеќе да ги разгледува фотографиите, тогаш нека го земе албумот во својата соба и нека го гледа секогаш кога бебето навечер ќе ги разбуди сите.

Измислете кодекс

Ако вашето дете е доволно големо, пронајдете некој збор или фраза која тоа би можело да ја користи секогаш кога ќе се чувствува запоставено или подзаборавено, откако на свет ќе се појави новото бебе. Со тоа детето ќе знае сериозно да се занимава со своите чувства и секогаш ќе ви даде до знаење и вам дека дошол моментот за силно и долго да го гушнете.

Напишете писмо

Пред да дојде на свет бебето бр. 2, украдете некој тивок момент и напишете му писмо на вашето првородено дете. Покажете му дека се гордеете поради сите извонредни работи кои тоа ги постигнало. Кажете му дека го обожавате секој ден поминат со него. Потсетете го дека го сакате сѐ до Сонцето и назад и дека сте премногу возбудени што ќе стане поголем брат/ сестра. И запомнете: писмото е колку за детето толку и за вас. Оставете му го да стои во радосницата па секогаш кога ќе сака, ќе го извади и ќе го прочита.

Поминете време со бабите и дедовците

Наместо одеднаш да се променат улогите на негуватели штом ќе дојде новото бебе па грижата за поголемото да ја преземат бабите и дедовците, процесот на адаптација направете го сега: поминувајте повеќе време со бабите и дедовците за да можат вашата ќерка или син да се научат на новите ликови.

Направете некаква авантура

Уште малку па вам ќе ви остане сѐ помалку време за спонтани активности. Затоа, земете го детето за рака, влезете в кола и појдете во некој забавен центар, најблискиот луна-парк, подалечно патување. Без оглед што сте одлучиле, треба да знаете дека ова ќе ве прави најкул родител на светот!

Најдете време за гушкање

Набрзо вашите раце ќе бидат многу зафатени поради малото бебе, кое треба да го лулате, да го доите и да го преслекувате. Затоа, токму сега искористете го времето за да гушкате и погалите своето поголемо дете. Колку можете повеќе. Секој ден.

Write A Comment