Показатели за присуството на вошки:
- Интензивно чешање, кое се појавува како резултат на алергиска реакција кон плунката која вошките ја инјектираат кога се хранат од скалпот.
- Слабо чувство на скокоткање, исто како нешто да се движи низ косата.
- Црвени точки и раздразнетост на скалпот или на вратот, кои може да се инфицираат.
- Детектирање на вошка на скалпот.
Како се пренесуваат?
Најзасегнати од овој проблем се децата, но и нивните семејства. Девојчињата страдаат почесто од вошки, отколку момчињата.
Вошките не скокаат, ниту пак летаат. Најчесто се пренесуваат преку близок контакт глава со глава, но поретко можат да се пренесат и преку контакт со предмети кои му припаѓаат на лице кое има вошки (капи, шалови, четки и чешели, шноли и стегачи, венчиња и сл.).
Може да се случи вошките да се пренесат и преку крпи, облека, ќебиња и перници кои претходно ги употребувало лице кое има вошки.
Како да ги исчистите?
Денес постојат различни шампони, спрејови, лосиони и прашоци кои се користат едноставно, а ефективно ги отстрануваат овие одбивни инсекти.
Многу е важно да ги следите инструкциите од упатството. Никогаш не употребувајте повеќе средство отколку што е посочено во упатството. Ако вашето дете има многу долга коса, најверојатно ќе ви биде потребно уште едно пакување од средството.
По третманот, најдобро е да ја исчешлате косата на детето над кадата. Средствата или ги усмртуваат или ги зашеметуваат вошките, па тие многу лесно излегуваат од косата. Наведнете го вашето дете над кадата и чешлајте со специјален чешел со многу блиску поставени запци. Чешлајте од тилот кон челото.
Доколку не пронајдете мртви вошки 8-12 часа по третманот, тогаш најверојатно средството не било ефективно. Консултирајте се со стручно лице за да ви препорача друг производ.
Пожелно е да ја повторувате процедурата со чешлањето на секои 2-3 дена. За подобро да се чешла, косата треба да биде влажна. Откако ќе изминат 7-10 дена, можете уште еднаш да го искористите средството против вошки.
Ако не сакате да користите средства против вошки, тогаш најдобриот начин да се ослободите од вошките е да ја чешлате косата со специјален чешел додека е водена. Повторувајте го чешлањето секој втор ден во текот на две недели. Овој метод особено се препорачува ако детето коешто има вошки е под 2 години.
Запомнете, вошките се пренесуваат лесно. Ако вашето дете има вошки, голема е веројатноста и вие да имате. Проверете ги сите членови на вашето семејство за да бидете сосема сигурни дека никој во вашиот дом нема вошки.
Погрижете се и за домот
Вошките не живеат долго кога не се на човечкото тело (околу 48 часа). Сепак, добро е да преземете мерки за да го исчистите вашиот дом од овие досадни инсекти еднаш засекогаш. Еве неколку совети:
- Исперете ги со жешка вода сите алишта кои вашето дете ги носело пред да го употребите средството против вошки.
- Исперете ги чаршафите во кои спиело вашето дете или лицето кое било засегнато од овој проблем.
- Сите алишта кои не можете да ги исперете со жешка вода, како и плишените играчки, ставете ги во најлони кои се добро запечатени и чувајте ги така 2 седмици.
- Сите чешли и четки потопете ги во алкохол или во средство против вошки, а потоа потурете ги со врела вода.
- Со правосмукалка поминете го целиот ваш мебел и подот.
