Motherhood

Следење на движењата на бебето во текот на бременоста

Бремените жени често доаѓаат на идеја да го споредуваат интензитетот на движењата на своето бебе со бебињата на другите бремени жени кои ги познаваат. Одолејте и на оваа идеја! Исто како што вие самите не сте подеднакво активни во текот на денот, како што и вие имате добри и лоши денови, активни и мрзеливи, така има и вашето бебе. 

Ако постојано се движите вашето бебе ќе биде помирно бидејќи нема потреба толку многу да се движи кога вие му помагате во тоа. Всушност, еднобразното лулање и движење на вашето тело го успива бебето. Од друга страна, некои бебиња толку силно ги удираат своите мајки, што некои се загрижуваат. Ако поради клоцањето на бебето почувствувате болка обидете се да ја промените положбата. Тоа ќе го исфрли бебето од рамнотежа и ќе ги запре непријатните удари.

Можете да очекувате најразлични „акробации“ сè до 34. недела од бременоста, бидејќи бебето до тогаш сè уште има место да ги прави. И воопшто не треба да се чудите ако „вежбањето“ на вашето бебе не ви е пријатно. Сè што се случува внатре е сосема нормално, иако на моменти ќе ви изгледа како истовремено да ве удираат повеќе од еден пар нозе и раце.

Кога ќе ги почувствувате движењата на бебето? 

Витките жени и оние кои веќе родиле побрзо ќе го почувствуваат движењето на бебето од покрупните жени и првородките. Постои можност со нетрпение да ги очекувате тие први движења, но случајно погрешно да ви е пресметан датумот на зачнување. Затоа, не грижете се непотребно. Консултирајте се со вашиот доктор ако не почувствувате движење до крајот на 22. недела од бременоста, бидејќи тогаш веќе треба да почнете да го чувствувате движењето, или пак докторот би можел да го предизвика. Некои жени првите фетални движења ги опишуваат како удари или буткање, други како прободување, кркорење во желудникот и сл. А понекогаш и обичните движења во дигестивниот систем можат погрешно да се протолкуваат како движење на бебето.

Можно е некогаш да почувствувате изедначени удари на едно место. Тогаш вашето малечко ика. Се случува некое бебе да има серија на икање и неколку пати на ден, додека други бебиња никогаш не икаат. Ова икање не треба да ве загрижува, дури и ако трае повеќе од 20 минути.

Што се може да поттикне активност кај бебето

Бебињата реагираат кога мајката ќе почне силно да се смее, така што и самите почнуваат да подскокнуваат како на трамболина. Но некои бебиња реагираат и на мајчиното тажно расположение или на нејзиниот страв. Ако почувствува дека мајката е тажна, бебето се смирува, а ако почувствува адреналин, бебето почнува повеќе да се движи.

Барајќи удобна позиција во стомакот, бебето ќе се движи се додека не биде задоволно. Можеби ќе му пречи буката која ве опкружува, па движејќи се ќе се обидува да се заштити од неа.

Ако бебето почувствува дека се смалува количесвото на кислород кој го добива преку папочната врвка, со движење и лесни удари ќе ја стимулира постелката да му испрати нова „пратка“ на крв богата со хранливи состојки и кислород. До ваквите ситуации воглавно доаѓа ако мајката е физички активна или лежи во неудобна положба на грб, така што притиска на крвните садови кои го снабдуваат плодот со крв, па бебето не добива доволно храна.

Ако бебето случајно ги заплеткано своите нозе во папочната врвка со интензивното движење пробува да се „ослободи“.

Комуникација со бебето 

Бебето достигнува максимална чувствителност на допир во шестиот и седмиот месец од бременоста и тогаш можете да се обидете да воспоставите комуникација со него. На вашиот допир може да реагира со лесни удари или со голицкање на мајчината постелка.

Често активноста на бебето се зголемува кога мајката ќе се смири навечер. Од една страна, мајката тогаш е смирена и фокусирана на движењето на бебето и полесно го перцепира. Меѓутоа, оваа активност се јавува и поради зголеменото количество на хормонот кортизол, кој кај мајката предизвикува поспаност, а кај детето поголема активност.

Следење на движењето на бебето 

Ако сакате, во текот на денот можете да го следите бројот на удари и да ги запишувате. Со мерење почнете во последното тримесечје од бременоста и бележете ги сè до породувањето. Тоа е еден од начините на следење на правилниот развој на бебето. Ако забележите какво било одстапување од вообичаениот број на удари, без разлика дали се работи за помал или необично поголем број, добро би било да го известите својот гинеколог (особено ако по 22. недела во тек на 24 часа не почувствувате движење на бебето, или ако по 28. недела бебето е мирно повеќе од два часа).

Напиши коментар