Уредувањето на изнајмениот простор често претставува вистинска дилема. Сакате да се чувствувате хармонично како дома, но не знаете колку време ќе останете во тој простор, па тешко е да ги оправдате големите инвестиции. Ви предлагаме неколку идеи со кои ќе внесете боја и ведрина во привремениот простор, а поголемите вложувања ќе ги одложите за вашиот дом од соништа.

Треба да нагласиме дека при секоја промена на нештата во изнајмениот стан, како фарбање на ѕидовите или закачување на слики, мора да зборувате со сопственикот за да бидете сигурни дека нема ништо против вашите идеи.
Размислувајте практично
Придржувајте се до еден стил и користете слична палета на бои во сите соби. На тој начин многу полесно можете да преместувате работи од една во друга боја. Така на пример, фотелјата која моментално ви е во спална соба, можете да ја вклопите во дневната соба во следниот стан, во случај да не ја собира во спалната.

Слики наместо тапети
Голема слика на ѕидот ќе внесе повеќе боја во домот, отколку ставањето тапети или фарбањето на ѕидовите. Вложете во дело кое ќе биде ефектно, а за кое верувате дека ќе пронајде место и во вашиот нареден дом. Ако поголема слика чини многу повеќе отколку што можете да потрошите од вашиот буџет, сличен ефект ќе постигнете и со некој убав постер, една ролна тапет на средина на ѕидот или дури може и да го врамите тапетот.

Украсни перничиња
Декоративните перничиња се одлична идеја со која ќе му дадете ведрина на домот, а најзгодно е што не се скапи, па може лесно да се менуваат, реорганизираат и преместуваат низ просторот.

Ефектни килими
Килим со впечатлив дизајн е уште еден начин за редизајн на просторот без трајни промени. Ќе го скрие стариот паркет, ќе внесе боја и ќе ја оживее собата. Шарените стази ќе го збогатат секој ходник, а при тоа и лесно се мотаат и преместуваат.

Галерија на ѕидот
Своите уметнички дела може да ги изложите и без да ставате шајки во ѕидот. Можете само да ги прицврстите со дуплофан или со жива гума. Можете да закачите се што ќе ви падне на ум, цртежи, фотографии и разгледници. А ако на вашиот сопственик не му пречат шајки тогаш може да се послужите и со оваа идеја за креативни и ефтини подметачи за хартија.

Големо огледало
Големото огледало потпрено на ѕидот го проширува просторот и внесува поголема светлина, дури и без да се закачи. За поголем ефект исфарбајте ја рамката во металик нијанса, а за него секако ќе можете да пронајдете место и во кој било нов стан.

Интересни завеси
Слично како со килимот, и со завесите ќе внесете боја во домот без какво било фарбање на ѕидовите. Ако се решите за големи драпери, просторот ќе изгледа уште побогато.

Драматична лампа
Висока драматична лампа покрај тоа што ќе ви даде специјално осветлување, ќе биде и одличен декоративен детал.

Впечатливи прекривачи

Практични и поволни, токму како и перничињата, прекривачите ќе ви дадат чувство на топлина и удобност. Распространети на софата или фотелјата, или пак уредно наместени на креветот – постојат многу начини да се употребат и во овој дом, а и во која било нова просторија.
