Здраво тело

Сусамот како лек против многу болести

Семето од сусам е едно од најстарите прехрамбени продукти на земјата. Се спомнува уште во Вавилон и Асирија пред повеќе од 4000 години, а семе од сусам е откриено на археолошки наоѓалишта кои датираат од 3500 до 3050 година пр.н.е. Оттука, познато е дека жените во Вавилон јаделе мешавина од семе од сусам и мед за да си ја задржат убавината и младоста, додека војниците на Римската империја истата смеса ја конзумирале за енергија и издржливост.

Освен ако не сте алергични на сусам, современата медицина потврдува дека ова „супер семе“ носи повеќе придобивки за вашето здравје.

Имено, семето од сусам и маслото од сусам се богат извор на фитостерол, кој има моќен ефект на намалување на холестеролот. Сусамот има и силни антихипертензични својства, што значи дека помага во нормализирање на крвниот притисок.

Научните истражувања докажале дека заради богатството од масни киселини, сусамот позитивно влијае на крвните липиди и има антиоксидантно дејство кај возрасните жени после менопаузата со тоа е добар за хормонална рамнотежа, а заради важните протеини и масти, сусамот е супер храна за здрава бременост.

Целите семиња од сусам, слично на семето од лен, предизвикуваат создавање на ентерокалтон и ентеродиол во микрофлората на дебелото црево, и последните истражувања покажале дека тие имаат потенцијални ефекти на спречување на ракот на дебелото црево и градите.

Сусамот е добар и за слабеење, зашто одредени фитохемикалии кои се наоѓаат во ова семе можат да го поттикнат топењето на масните наслаги, со тоа што ја зголемуваат активноста на неколку ензими во црниот дроб кои ги разложуваат масните киселини. Вклучувањето на здрави масти во вашата исхрана, како семињата чиа, лен и сончоглед исто така ја уништуваат зависноста од шеќер, ви ја задоволуваат гладта и ве спречуваат да се прејадете.

Семето, маслото и путерот од сусам помагаат во апсорбирањето на витамините А, Д и многу антиоксиданти, а воедно се извор на многу минерали, влакна и протеини. Сусамот е богат и со железо, магнезиум, фосфор, калиум, бакар, манган и цинк, а цинкот е важен минерал во производството на колаген, кој и дава еластичност на кожата и помага за заздравување на оштетени ткива на телото.

Како да го вклучите сусамот во исхраната:

Покрај неговата позната употреба за разни пецива, вашата салата од барен зеленчук (брокула, карфиол) ќе биде уште повкусна ако ја зачините со сусам и лимон.

Освен како додаток во похуваните сирења, сусамот може да се употреби и во динстаните јадења од месо. Сусамовото масло има силен вкус, па доволно е да капнете само малку во салатата, и ќе добие многу побогата арома.

Многу вкусен зачин е и сусамовата сол, гомасио, (сусам и сол), која може да се купи кај нас во продавниците за здрава храна и поголемите супермаркети.

Напиши коментар