Motherhood

Тикови кај децата

Дали вашето дете постојано трепка, често го набира челото, непрестано кашла или често ги протресува рамената? Ако е така, тогаш веројатно има проблем со тикови.

Што е тик?

Тикот е неволно, неконтролирано и несвесно движење кое се повторува. Има два вида на тикови: моторни и вокални тикови. Моторните се јавуваат на лицето (често трепкање, набирање на носот или челото, мрдање со крајот на усните, оближување на усните итн.), потоа на вратот, грбот (движења со рамената) или на нозете (детето мрда со ногата, се лула), што е поретко. Вокалните тикови го опфаќаат артикулирањето на разни неконтролирани звуци (чистење на грлото, кашлање, пукање со јазикот). Колку што има мускули во телото толку облици на тикови може да има. Постојат и посложени тикови како што е Туретовиот синдром кој опфаќа повеќе тикови, комбинација на моторни и вокални тикови.

Зошто се повторуваат тиковите?

Тиковите се во најголемиот број на случаи поврзани со емоциите на детето. Обично почнуваат да се појавуваат од третата до седмата година, кога детето почнува да чувствува самостојност, полека станува свесно за својата околина и своето место во неа, па заради тоа ги доживува првите негативни емоции. За разлика од возрасна личност, која знае да препознае стрес и да се носи со него, детето не знае да го препознае, ниту може да го искаже преку зборови. Во моментот кога нивото на насобран стрес е преголемо, се вклучува заштитниот механизам на психата – тиковите. Тиковите стануваат издувен вентил кој му помага на детето да ја отстрани напнатоста и да ја извади негативната енергија.

Поттиснати емоции

Не е лесно да се открие кои искуства и емоции ја предизвикале појавата на тикови. Тикот понекогаш може да биде предизвикан од некоја непријатна ситуација во која детето се почувствувало загрозено. Некогаш се работи за навидум безопасни ситуации како тргнување во градинка, раѓање на брат или сестра и слично. Затворени, сериозни, срамежливи и тивки деца можно е да искажуваат насобрана лутина преку тикот. Наместо да се решат од негативната енергија преку игра, расправија или спортска активност, како што прават отворените и активни деца, тие се ослободуваат од напнатоста преку тикови.

Слично реагираат и деца чии родители се претерано авторитативни и не им даваат доволно слобода да ги испитуваат сопствените граници. Атмосферата во домот исто така го одредува однесувањето на детето. Ако родителите постојано се расправаат, во домот владее нетолеранција, викање и бука, нездраво однесување, како што се нередот, неуредниот ритам на живот, недисциплина. За детето таквата средина ќе биде исклучително стресна. Тикот е веројатно знак дека е време за промена.

Како да се поставите?

Детето обично не ги забележува тиковите бидејќи и не му ни пречат. Со оглед на тоа дека не може да ги контролира, нема потреба ни да му зборувате за нив. Никако немојте да викате, да му се потсмевате, да го имитирате или да го казнувате, туку поддржете го и настојувајте да ви се доверува низ разговор. Како му е во градинка, какви му се другарчињата, што правело кај баба итн. Избегнувајте прашања како: „Зошто постојано трепкаш?“, „Ти реков да престанеш да трепкаш!“ или прашања кои покажуваат дека мислите дека тикот е предизвикан од негативна емоција како „Баба те налути?“

Објаснувањето зошто настануваат тиковите е многу сложено, но треба да се знае дека тиковите се најчесто безопасни и само во ретки случаи се знак за нешто посериозно. Освен тоа, тиковите најчесто изненадно исчезнуваат, баш како што и се појавиле. Ако не се повлечат по повеќе од еден месец или пак детето има повеќе тикови, треба да одите на педијатар, односно кај детски психолог.

Меѓутоа, најважно е родителите штом го забележат тикот кај своето дете, многу да разговараат со него и квалитетно да го поминуваат времето заедно. Познато е дека родителската љубов и внимание лечат многу тешкотии.

Немојте да се срамите!

Родителите на деца со тикови често се срамат од своето дете. Притоа прават и една голема грешка со тоа што кога им зборуваат на други луѓе за “проблемот“ на своето дете звучат како да се извинуваат. Не смеете ни да се срамите ниту да се извинувате за тоа. Освен тоа што детето слуша се што зборувате, тоа исто така чувствува дека вас ви е непријатно па почнува да се чувствува виновно за нешто за кое воопшто не е ни свесно. Тоа му ја руши самодовербата. Ако не им обрнувате внимание на тиковите, тие ке се повлечат како што се појавиле.

Запомнете! Кај многу деца на различна возраст се појавуваат тикови. Преку вашиот правилен пристап тие ќе се повлечат без последици, а детето по некое време нема ни да ги помни.

Напиши коментар