Motherhood

Зошто играњето надвор го прави детето попаметно?

Децата го поминуваат поголемиот дел од времето на училиште, а кога ќе завршат со училишните обврски поинтересни им се компјутерските игри или гледањето телевизија, отколку дружењето надвор со другарчињата.

Играњето надвор е од голема корист за децата, а со тоа не само што ќе го избегнат зрачењето од компјутерот, телефонот или телевизорот, туку и ќе поминат повеќе време без надзор од родителите, со што ќе научат како да се однесуваат и снаоѓаат во одредени ситуации. На децата им е потребно време и простор за да ги развијат своите способности и претпазливост. Овие неколку причини ќе ве натераат да го охрабрите вашето дете да поминува повеќе време надвор од домот.

Подобри јазични способности

Кога се надвор, децата не се ограничени што и колку гласно треба да зборуваат. Единствените граници се оние кои децата меѓусебно си ги поставуваат, па тие се слободни да споделуваат идеи, да го кажат своето мислење и да ја искажат својата креативност. Колку повеќе детето зборува кога е надвор од домот, толку повеќе станува свесно за својот глас и јазик и се труди да го истражи и подобри.

Подобро здравје

Кога децата си играат надвор, тоа вклучува возење велосипед, играње со топка, трчање или слични игри кои се добри за здравјето на детето. Со овие игри, мусклите на децата се зајакнуваат, тие трошат повеќе енергија и работата на срцето се подобрува. Исто така играњето надвор значи изложеност на сонце и чист воздух, што влијае многу подобро од седењето дома.

Ослободува од стрес

Како и возрасните, така и децата се изложени на стрес. Возрасните често практикуваат одмори за да го намалат стресот и така да си го зголемат нивото на среќа. Децата функционираат на ист начин – долгото седење на училиште предизвикува стрес и затоа играњето надвор е одличен начин за да се ослободат од него. Покрај тоа што играњето ги прави среќни, ослобувањето од стресот им овозможува да сфатат што треба да прават за да се чувствуваат подобро.

Учат да решаваат проблеми

Кога децата си играат надвор, тогаш тие измислуваат свои игри, правила и улоги и на тој начин способноста за решавање проблеми им се подобрува.

Се развива социјалната свест

Децата можат да научат многу од околината во која живеат. Тие понекогаш ќе направат грешки, но ќе бидат свесни дека се одговорни за секоја своја грешка. Исто така, секое дете треба да почуствува како е да се работи во тим или пак кога треба сам да го браниш сопственото мислење.

 

Напиши коментар