Во нашето општество индивидуалноста е поприлично изгубена. Има доста индивидуаци кои имаат свој пат, свој начин, свои цели, но мнозинството луѓе на жалост се сѐ повеќе copy/paste.
Децата исто така ги учиме на одреден начин со одредени манири, аспирации и афинитети да се прилагодуваат на општеството, како и со начини и обрасци на однесување. Дури и образовниот систем ни е помалку или повеќе таков – сѐ што е во границите на „нормалното, пропишаното и одреденото“, тоа е однесување кое се наградува. Сѐ останато кое излегува од тие стереотипи можеби не се казнува, но сепак се става на маргините, се игнорира и потиснува.
И така се создава одбранбен став кон различностите. А тоа е нешто што секако би требало да го избегнуваме – како општество, како луѓе. Бидејќи нити еден човек не е ист. Запомнете го тоа – нити еден човек не е ист.
Индивидуалноста е нешто со што се раѓаме и на жалост пречесто ја потиснуваме за да би можеле да се прилагодиме на општеството и така губиме добар дел од своите изворни потенцијали. Затоа би требало да тежнееме да ги одгледуваме своите деца да бидат свои, какви и да се, само да не бидат исти како другите.
Најдобар начин е да го слушнете своето дете, неговите интереси, таленти, поттикнување на неговите желби нешто да направи. Секој има свој пат и понекогаш е сосема неважно како се дошло до нешто, доколку до тоа на крајот се дошло.
Што повеќе ќе ги споредувате своите деца со другите, со туѓите начини, постојано покажувајќи им како нешто се прави, наместо да го пуштите детето првин тоа да го направи по свое, толку се поголеми шансите дека вашето дете со тек на времето ќе изгуби дел од својата личност и често ќе останува во слепа улица на нечии туѓи животни желби, без сопствени идеи.
