Art & Crafts

Како да отстраните мастика од панталоните

Дали вие се залепивте за мастиката или таа за вас не е проблемот. Проблемот сега е како да ја извадите без притоа да ви настрадаат пантолоните. Прво и најважно е да се смирите и да не паничите, бидејќи со панично гребење, тегнење и стругање ќе направите поголем проблем.

Еве неколку начини кои можете да ги одберете во зависност од видот на ткаенината и големината на „натрапникот“.

Еден од начините е да ја оставите мастиката онака како што се залепила и да почекате да се стврдне или пак можете да ѝ помогнете во тоа со коцка лед или пантолоните накратко да ги оставите во ладилникот. Така стврдната, мастиката би требало брзо да ја отстраните. Притоа слободно можете да користите ножички, пинцета или било што друго што ви е при рака.

Друг начин е врз пантолоните да ставите чисто хартиено шамиче и извесно време да пеглате врз тоа. Мастиката ќе се загрее и ќе малку по малку ќе се залепи за хартијата. Притоа внимателно и полека поместувајте го хартиеното шамиче за да не се размачка мастиката насекаде.

Мала крпа потопена во медицински бензин (може да го набавите во аптека) или ацетон, може да ви помогне да го отстраните остатокот од мастиката кој со претходниот процес не сте успеале.

Исто така делот од пантолоните на кој се залепила мастиката можете да го потопите во вода која врие. Мастиката ќе се растопи и ќе паѓа дел по дел, но притоа внимавајте дали панталоните можат да издржат висока температура.

Дополнителни совети

Работете полека.

Пантолоните можете да ги исперете на висока температура во машина за перење. Но, не ги перете пантолоните во машина ако тие не се предвидени за такво перење.

Ако сето ова не помогне, секогаш можете да ги однесете на хемиско.

При користењето на медицински бензин или ацетон посебно внимавајте да не ја оштетите ткаенината или бојата на пантолоните.

Напиши коментар