Живееме во 21-ви век, време на интензивна модернизација, прогрес и економски растеж. Заслепени од желбата да обезбедиме добар живот за децата ние забораваме за нивното морално воспитување. Се затрупуваме со премногу задачи со цел да ги зголемиме доходите, трошејќи го времето што треба да го посветиме на нашите деца.
И додека ние сме во канцеларија, тие се сами на улица, таа е нивниот родител, ги учи што треба да прават и како да живеат. Кога ќе се приберат дома ние не сме таму – ние сме на работа, борејќи се за лебот на семејството.
Оставени сами на себе излегуваат на безмилосната улица – темното место со кое секој доброволно или принудно се судрува. Улицата е местото на проблемите, од кое секој родител се обидува да ги одалечи своите деца. А можеби и грешиме? Можеби токму улицата е училиштето кое е потребно за нашите деца, можеби тие треба во прво лице еднина да се соочат со проблемите, за да знаат како да се справат со нив во иднина, зошто да си признаеме – нема подобар учител од животот и појасен пример за грешките од нашите сопствени.
Родителите – тоа сме ние кои трепериме над децата 24 часа на ден, тоа сме ние, оние луѓе од кои ќе ја добијат најсилната подршка и најголемата љубов, но исто така ние сме и нивниот најстрашен кошмар. Погледнато од нашиот агол преку забрани и казни ние се обидуваме да ги заштитиме, но кога ќе погледнеме од нивниот агол тогаш се изгледа многу поразлично. Според нашите деца ние сме луѓето кои секојдневно наоѓаме начин да им го искомплицираме животот.
И треба ли постојано да се тресеме и да трепериме над нив? Нема ли да е подобро да им дадеме слобода за да го проживеат она што и ние сме го проживеале, да ги почувствуваат ударите од животот и да учат од сопствените грешки? Верувајќи дека со забрани и казни ние им помагаме, гадно се лажеме, тие не ја регистрираат нашата поучна порака, туку она што е во нивни интерес – но сите сме биле деца и млади луѓе – сите сме поминале по истиот пат и точно оние работи со кои сме се судриле не направиле зрели луѓе, луѓе кои знаат да се снаоѓаат и справуваат во тешки ситуации.
