← НАЗАД НА БОЗА

Мајчинството и чувството на вина

Мајчинството и чувството на вина
331 Читања

Сите одвреме – навреме чувствуваме вина за нештата што не сме ги, не знаеме како, не можеме да ги направиме или пак сме ги направиле погрешно. Мајките се посебно наклонети да чувствуваат различни видови на вина. Да се има повремено чувство на вина, не е лошо, но постојано да се живее со неа не е добро ниту за личноста што се чувствува така, ниту за нејзините блиски. Тоа нас нè запира да одиме напред, а блиските ги исполнува со чувство на незадоволство и вина. Ако тоа се децата, тие чувствуваат и растат во атмосфера на незадоволство, иако не знаат зошто чувствуваат незадоволство, а токму тоа делува погубно на нивната психа. Затоа освестете ги чувствата на обвинувања на самата себе и ослободете се од нив што побрзо. Простете си на себе и на другите и знајте дека работите секогаш може да се поправат.

Како да се ослободите од чувството на вина?

Разговарајте за своите чувства

Секогаш е добро да се разговара со сопругот или со најдобрата пријателка за нештата што ве мачат. Само имајте на ум дека со тоа чувството на вина нема да исчезне, но после разговорот ќе почувствувате олеснување.

Немојте секогаш да се чувствувате неуспешна!

Ако чувствувате вина заради нешто што лошо сте го направиле, тоа е во ред и понекогаш навистина помага. Но, ако секогаш се чувствувате неуспешна, треба добро да размислите за начинот на којшто ги гледате работите. Објективно гледано, сигурно постојат нешта кои успешно ги правите и во нив сте добри. Размислете за тие работишто добро сте ги направиле, за позитивните резултати и присетете се на сè за што сте им благодарни на другите.

Осмелете се да кажете: „Извини!“

Ако сте сториле нешто лошо и поради тоа ви е криво, секогаш можете да се извините. Извинете му се и на своето дете, ако ви се чини дека сте згрешиле. Така и тоа ќе научи да се извини кога ќе направи нешто лошо.

Мајчинството не е натпревар!

Кога ќе добиете бебе, од вас се очекува дека веднаш ќе уживате во мајчинството. Некои мајки имаат потешкотии, односно, не сакаат со другите да ги споделуваат своите разочарувачки доживувања. Нека не ве обесхрабрува тоа што другите мајки ви се чинат поуспешни од вас. Обидете се да не се споредувате со нив!

Живеете тука и сега!

Ако постојано се заморувате со нешта кои се случиле или со оние што допрва треба да се случат, само ќе развивате напнатост и незадоволство. Ако живеете тука и сега, помали се шансите за чувство на вина.

Не оптоварувајте го своето дете со чувство на вина!

Така вашето дете ќе научи дека тоа чувство е нормално. Научете го дека нормално е во животот да се погреши, но и дека секогаш постојат бројни можности за поправање и решавање на тој проблем.

Не постојат супер жени!

Колку поголем сте перфекционист, толку почесто ќе чувствувате вина. Не поставувајте си неостварливи цели, бидејќи така никогаш нема да ви биде добро.

Направете нова распределба на работите во домаќинството!

Мајките почесто страдаат од чувството на вина, отколку татковците и поради тоа што повеќе работи и обврски паѓаат токму на нивниот грб. Време е за реорганизација на домашните обврски. Некои обврски може и да почекаат, а некои може да ги изврши и вашиот сопруг.

Ставете нагласок на добрите работи!

Луѓето обично ставаат нагласок на нештата што не ги прават добро, наместо да биде обратно. Не поставувајте си превисоки критериуми и цели! Не можете истовремено да бидете добра мајка, врвен менаџер и фантастичен партнер.

Коментари

© 2011 boza.mk | Дизајн - element.mk