Марамчињата за вадење шминка станаа неизоставен дел од секојдневната козметичка чанта. Ги засакавме бидејќи се практични, но дали се навистина подобар избор од класичните производи за чистење лице, како лосион, млеко или гелови?
Стручњаците се согласуваат дека се многу корисни, но не и дека се најдоброто решение за чистење на кожата. Препорачливо е да ги користите како дел од рутината на чистење или во ситуации кога немате друг избор. Марамчињата ја вадат шминката, но многу девојки и жени забораваат дека по чистењето на шминката, кожата треба да се исчисти. Избегнувањето чистење по употреба на марамчиња всушност е најголемата причина поради која марамчињата не се добар избор.
Ако не ја исчистите кожата после марамчињата, нечистотиите се задржуваат на лицето токму како и средството за чистење од марамчињата. На тој начин се затнуваат порите, што може да предизвика воспаление и други проблеми со кожата. Затоа, по марамчињата, задолжително исчистете ја кожата со лосион со антибактериско дејство, па потоа измијте се.
