Bridal

Светски трендови: Интересни свадбени обичаи во индиската култура

Генерално, индиските свадби изобилуваат со музика и шаренило. Тие траат по неколку денови и се исполнети со различни обичаи и ритуали. Верувале или не, бројот на гости на свадбите во Индија се движи од 100 до неверојатни 10.000 луѓе.

Често се случува гостите на свадбата воопшто да не ги познаваат младоженецот и невестата, бидејќи ги поканиле нивните родители. Во Индија сеуште е значително присутна традицијата на договорени бракови, каде родителите ја договараат судбината на нивните деца.

 

Традиционалната индиска свадба подразбира сплотување на две семејства од социјален и културен аспект, бидејќи во индиската култура се смета дека двете семејства стануваат едно преку поврзаноста на нивните деца.

Според индиската традиција, откако бракот ќе биде договорен, таткото на младоженеот оди во куќата на таткото на невестата. Таму тие ставаат по еден грст ориз и го мешаат, па го делат на половина. Едната половина останува во домот на невестата, а другата оди во домот на младоженецот. Оваа церемонија се нарекува данбати.

Жените во семејството на невестата ја спроведуваат церемонијата чумаван. Пет жени земаат малку ориз помеѓу палецот и показалецот со двете раце и ги допираат нозете, колената и рамениците на невестата, па го ставаат оризот на нејзината глава.

На церемонијата маткорва, жените на семејството се собираат и пеат додека невестата седи во средина.

Еден ден пред свадбата се спроведува церемонијата кобар, со поставување на лампа во дворот на куќата која го симболизира богот заштитник на бракот.

На денот на свадбата се изведуваат молитви кон божествата, а церемонијата се нарекува мантри пуџа. Жените тогаш го осветуваат телото на невестата со масло, церемонија која се нарекува убтан.

 

Постојат многу различни обичаи и адети на индиските свадби кои се разликуваат од регион во регион. Но она што ги восхитува сите е убавината на индиските невести, кои имаат прекрасни народни носии наречени сари најчесто во црвена боја.

 

Напиши коментар