Добриот моден стил не подразбира скапи и најмодерни парчиња облека, туку она што го прави вашиот стил ВАШ и единствен! Основните парчиња облека претставуваат појдовната точка на која се надоградуваме со детали и така целата комбинација ја правиме поинаква, впечатлива, своја.
Иако трендовите во модата брзо се менуваат, основните парчиња се класика и нешто што секогаш треба да го поседуваме во орманот. Денес ви откриваме топ 6 парчиња облека кои ја прават модната основа и кои треба одново и одново да ги купувате без оглед на годишното време!
Фармерки во омилениот крој – Без оглед на актуелните трендови сигурни сме дека имате модел на фармерки во кој најдобро се чувствувате. Затоа не обрнувајте внимание на она што го диктира модната сцена и секогаш во орманот имајте место за фармерки во вашиот омилен крој.

Кошула – Без оглед на стилот и приликата за која се облекувате, кошулата е секогаш вистинскиот избор. Модните трендови диктираат различни кроеви и принтови, но самата форма е безвременска. Затоа никогаш не жалете пари и кога ќе наидете на добар модел на кошула веднаш купете ја!

Впечатливи балетанки/мокасинки – Генерално, рамните обувки се секогаш добар и удобен избор! Модната сцена од сезона во сезона нуди различни трендови, а на вас е да се одлучите за оние кои најдобро ќе се вклопат во вашиот стил. Сепак, треба да имате барем еден впечатлив пар кој на секоја комбинација ќе и даде личен печат.

Класична маичка – Класичните маици се апсолутно задолжителни во вашиот орман. Освен што се секогаш модерни, тие се најдобро парче облека за слоевито облекување и трансформација на стилот. Можете да ги комбинирате со буквално секој стил, а со накитот и модните додатоци лесно ќе го освежите нивниот изглед кога ќе се јави потреба за тоа.

Хулахопки – Ниту една комбинација не изгледа потполно без хулахопки. Освен што не греат и ни даваат можност да носиме здолништа и фустани во текот на постудените денови, тие му даваат посебен шмек на нашиот стил, а можат да бидат и толку впечатливи што стануваат доволни сами по себе. Дури и најобичната комбинација добива специфичност со необични хулахопки.

Потенок џемпер – Тенкиот џемпер, без разлика на кројот, е нешто што секогаш треба да го имате во орманот. Зошто? Затоа што може да се носи буквално во секое годишно време! Во зима одлично ќе послужи како парче за слоевито облекување, додека во топлите месеци може да биде самостоен детал.

