Поканети сте на венчавка, а не знаете што да облечете? Постојат некои правила при изборот на облека за на венчавка до кои треба да се придржувате.
На венчавката невестата и младоженецот се во центарот на вниманието. Затоа вие, како нивен гостин, не треба да бидете облечени поелегантно или поекстравагантно од нив.
Секако, треба да се облечете во согласност со пригодата. Свадбената церемонија е свечена пригода и затоа се носи и свечена облека. Меѓутоа, имајте го предвид начинот на славењето и локацијата, како и стилот на младенците.
Доколку освен на граѓанска, ќе присуствувате и на црковна венчавка, земете си јакничка, марама или нешто слично. При влегувањето во црква почитувајте ги правилата така што вашите раменици нема да бидат откриени.
Ако младенците во поканата одредиле и дрес-код, вие мора да се придржувате кон него! Ретко ќе наидете на страндардната препорака: мажите во смокинг, а жените во вечерни тоалети, но сепак овие препораки укажуваат на многу елегантна и свечена свадба.
Најважното и најпознатото правило се однесува на изборот на бои: белата и сите нијанси на беж-бојата се резервирани за младенците. Доколку невестата се одлучи за друга боја на венчаницата, тогаш таа боја е забранета за нејзините гости. Иако секогаш сте убаво облечени во црна, на венчавка не се препорачува да бидете во целосно црна тоалета. Затоа, облечете црн фустан, но комбинирајте го со детали во друга боја.
На крај, многу е важно вие во избраната облека да се чувствувате убаво и пријатно.