Дали се тоа скапите играчки? Дали се тоа часови поминати во иготека? Или можеби најубава детска соба што ќе предизвика завист во очите на другите? Дали материјалните работи и изобилие се знак дека сте вие добар родител и дека му го давате на своето дете она што навистина му треба?
Нашата основна цел како родител е да создадеме од тоа дете вистински човек. Ако на детето му го купавате се она што ќе посака не ве прави добар родител. Тоа не ве ослободува од вината ако вашата отсутност ја плаќате со пари и подароци.
Вистинските вредности што ги градиме кај децата немаат допирни точки со материјалните работи. Зарем оние родители што не се финансиски способни да го опсипуваат детето со луксузни подароци не се добри родители?
Дали сте вистински родители на вашите деца ќе покаже времето. Дали во детето ќе изградите личност со која ќе се гордеете понатаму во животот е она што ве прави успешни како родител и ќе биде знак дека добро сте ја завршиле својата работа.
Децата се чиста табла каде вие ја пополнувате содржината. Огромна одговорност е во вашите раце. Од вас зависи каков човек ќе создадете. Тоа нека ви биде секогаш приоритет. Треба навистина многу да се внимава. Дури ќе се потребни и многу жртви од ваша страна. Можеби ќе треба да го смените и начинот на живот, бидејќи сега тоа мало суштество ве гледа, учи од вас и треба да му го пренесете најдоброто. Вашата личност, вашиот животен стил, вашиот карактер треба да се под строгата контрола на вас самите, бидејќи вие сте основниот пример за вашето дете. Грижејќи се за детето и вие растете и вие се усовршувате, и вие станувате подобар човек и морате – тоа постојано ве набљудува и учи.
Вложете максимално време и напор да ја поставите основата на морални вредности, човечност и љубов кај детето. Дадете се од себе за да создадете еден позитивен човек што ќе го сака животот. Покажете му на детето дека се што ќе посака може да го има ако верува и ако знае да се бори без да се откажува. Со тоа вие ќе му го подарите најголемото богатство. Да биде достоинствен човек, да верува во себе, да биде исполнет со љубов за сите и за се…
Скапите играчки еден ден ќе ги нема, убавите кондурчиња ќе се заменат со нови, парите можеби за него нема да го имаат истото значење…но ако му подарите на светот една прекрасна личност, тогаш вие сте ја завршиле одлично вашата родителска обврска. Човечките квалитети што вие ќе ги пренесете на вашето дете, тоа ќе ги пренесе на своите деца и.т.н. Тоа го должиме во името на еден подобар свет, во името на едно подобро утре за нашите најмили…
