Кога ќе бидете во можност да ја искомбинирате љубовта кон кафето и патувањето, задолжително посетете ги некои од градовите кои се познати по овој темен еликсир.
На љубителите на кафе кои таа страст би ја ускладиле со своите патувања, им се советува да изберат градови кои веќе долги години, па и векови, ја негуваат културата што е поврзана со испивање на овој магичен црн пијалок.
На луѓето ширум светот им е незамислив почетокот на денот без шолја кафе, а ритуалите за пиење на овој кофеински напиток се разликуваат од земја до земја, па дури и од град до град. Ова се градовите во кои најмногу ќе уживате во вашиот омилен пијалок.
Сао Паоло, Бразил

Централна и Јужна Америка се подрачјата на коисе одгледува кафето со совршен опсег на вкус. Надморската височина ја погодува совршената киселост, а поради идеалната температура зрната од кафе се со највисок квалитет.
Бразил е водечки светски производител на кафе во изминатите 150 години. Оваа латиноамериканска држава, една од најпосакуваните дестинации за љубителите на кафе, е специјално позната по кафето “Арабика” и “Робуста”.
Сао Паоло има многу кафулиња наменети за уживање во прекрасниот вкус на овој пијалок, од традиционалните скапоцени камења како Sofa Café, Café Floresta и The Little Coffee Shop до современите кафулиња како Beluga и Octavio.
Истанбул, Турција

Во Турција, велат дека кафето мора да биде црно како пекол, силно како смрт и слатко како љубов. Турците кафето секогаш го служат по јадењето, а го прават во бакарно ѓезве. За да ја ублажат горчината, најчесто го служат со турски десерти. Се служи во традиционалните порцелански фалџани.
Истанбул, со своите бројни кафулиња, е главна дестинација за љубителите на кафето. Автентичната култура на турскиот начин на пиење на кафе е запазена во Pierre Loti Café и Fazil Bey. Најдобро време за посета на Истанбул е од септември до почетокот на ноември.
Милано, Италија

Во Италија е најпопуларно кафето esspreso кое се послужува во мала шолја и најчесто се пие стоејќи. Интересно е дека Италијанците веруваат дека не е добро да се порачува капучино во вечерните часови, бидејќи утрото е единственото време за уживање во капучиното.
Некои од најпознатите кафулиња во Милано се Orsonero, Marchesi, Taglio, Caffe Napoli и Moleskine Café.
Џакарта, Индонезија

Кафето е составен дел од животот во Индонезија. Индонезија е позната по своите извонредни сорти на кафе, вклучувајќи ги Java, Sumatran, Toraja и Gayo.
Љубителите на кафе и авантуристите во Џакарта можат да ги пробаат некои од најскапите сорти на кафиња во светот, како што е Kopi Luwak.
Сиетл, Вашингтон, САД

Сиетл е совршено место за страсните љубители на кафе. Најдоброто време за посета на дождовниот град е крајот на јуни или помеѓу септември и октомври.
