Motherhood

Дали наставата преку интернет влијае негативно врз видот на децата – одговор од офталмолог

Еден од тековните проблеми на родителите на учениците е прекумерната употреба на електронски уреди.

Дали треба, и на кој начин да ги заштитиме децата од штетните ефекти на екранот, советува специјалист за офталмологија, д-р Милорад Љутица.

Пандемијата на вирусот корона донесе ненадејни промени во животот на сите луѓе во светот, но дури и најмладите се соочија со целосно ново и непознато искуство. Тие ги заменија книгите со ТВ-екран и станаа експерти за технологија – тетратките беа заменети со интернет платформи, а домашните задачи се префрлиле во Вибер групите.

На кој начин, ваквото следење на часовите кога е потребно детето да помине време пред екранот влијаеше врз неговиот вид, открива специјалист за офталмологија д-р Милорад Љутица.

„Точно е дека во изминатите два месеци, додека траеше вирусот корона, децата седеа многу повеќе пред ТВ од едноставна причина што треба да следат часови. Сепак, јас не мислам дека гледањето ТВ или играњето на игри значајно го менува диоптрискиот статус на окото кај детето. Мора да има одредена основа за влошување на односот помеѓу очите, така што влошувањето може да се случи и ако детето држи книга и држи таблет. Разликата помеѓу книгата и таблетот е во тоа што на таблетот децата воглавно гледаат интересна содржина, па поретко трепкаат. Од друга страна, ако има лошо осветлување во просторијата, тогаш таблетот има предност во однос на книгата, затоа што има позадинско осветлување благодарение на што детето гледа подобро.

Не сум некој што ја поддржува техиката – мислам дека е подобро за нас и нашите деца да поминуваат време во природа, отколку со електронски уреди, но денес овие уреди носат многу информации и ако ги користиме за учење, а не толку многу за играње, тогаш во таа ситуација тие можат да бидат многу корисни“, смета д-р Љутица.

Од друга страна, докторот објаснува, ако детето поминува многу време користејќи го телефонот близу очите, може да се случи одреден грч во фокусирањето и како резултат да има заматен вид, повремена мала конфузност, двојни слики, солзење на очите.

„Ако детето во текот на целиот ден поминува до 2 часа на ден пред ТВ или таблет/телефон, тоа е прифатливо. Секако, предлагам родителите да ја изберат содржината и на тој начин да направат некаков компромис“, советува д-р Љутица.

Напиши коментар