Подигнувањето на имунитетот на граѓаните, особено оние на возраст над 65 години, ќе биде исклучително важно кога ќе заврши пандемијата на вирусот корона, а еден од најдобрите начини за зајакнување на имунитетот е преку рекреација, брзо одење и трчање, вели основачот на белградскиот тркачки клуб, Верољуб Змијањац.
„Трчањето и, воопшто, спортот на отворено треба да се претстави како решение за болести, дијабетес, проблеми со срцето, секоја физичка активност е ризик во моментот на пандемија, но во исто време и решение за имунитетот. Најчувствителни се луѓето кои имаат слаб имунитет и во поглед на тоа , рекреацијата, излегувањето надвор, престојување на чист воздух, е решението“, посочува Змијањац.
Трчањето, посочува тој, во никој случај не е привилегија за младите луѓе, напротив, сè повеќе сениори се приклучуваат на тркачкото движење.
„Татко ми трча, тој вели дека полицијата се изненадила кога го виделе како џогира во време предвидено за излегување на лица постари од 65 години. Ние во клубот имаме неколку лица над 65 години, сите добија бесплатен влез на маратонот БГД минатата година. Ги повикуваме сите постари лица се вклучат, не мора да трчаат, може да практикуваат нордиско одење или џогирање, трчање на пет километри, па и маратон“, рече тој.
За време на вонредната состојба, рекреативците не застанаа, го искористија секој момент да излезат на патеката, а по дозволата на Владата за тренинг на отворено, се враќаат на редовните активности на 7 мај.
„Ние ќе ги почитуваме сите упатства што ги добивме од Министерството, тренинзите ќе бидат организирани во неколку помали групи, со различни термини, тренинзи на 15 минути. Она што е малку проблем е што луѓето сакаат да трчаат во групи, но сега ќе мора да почитуваат оддалеченост од два метра“, истакнува Змијањац.