Новости

Кучиња против короната – За само неколку недели ќе ги намирисаат оние кои го шират вирусот

Лабрадорите и шпаниелите можат да намирисаат маларија кај луѓето, а научниците сега веруваат дека за неколку недели би можеле да се борат и со корона вирусот – со намирисување на заразените!

Откривање на заразени – особено оние кои немаат симптоми – е една од најголемите пречки за борба против епидемијата на вирусот корона.

Научниците во Лондон веруваат дека кучињата би можеле да ја револуционизираат борбата против вирусот „Ковид-19“ со намирисување на суптилните мириси што ги предизвикува вирусот во човечкото тело.

Лондонската школа за хигиена и тропска медицина собира средства за проект за обука на кучиња што ќе го открваат вирусот кај луѓе кои немаат никакви симптоми и кои не знаат дека се заразени, а ја шират короната околу себе.

Доколку проектот биде успешен, овие детективи животни ќе започнат со работа во Велика Британија во текот на летото, пренесува Блумберг.

„Сè е во рана фаза“, рече Џејмс Логан, раководител на одделот за контрола на болести на лондонската школа за тропска медицина.

“Знаеме дека заболувањата имаат специфичен мирис – вклучувајќи ги и респираторните, како вирусот – и дека овие мириси се многу специфични. Постои добра шанса Ковид-19 да има специфичен мирис и ако ова е точно, убеден сум дека кучињата ќе можат да го детектираат”.

Кучињата со изразено чувство за мирис веќе се користат во дијагностицирање на многу болести, вклучувајќи ги и Паркинсон и неколку видови на рак.

Лондонското училиште веќе ги обучи лабрадорите и кокер шпаниелите за откривање на маларија и нивниот успех ги надминува стандардите на Светската здравствена организација, велат од училиштето.

Доколку бидат успешни, кучињата ќе го „скенираат“ персоналот во болниците и старечките домови, а кога сообраќајот повторно ќе се воспостави, ќе душкаат на аеродромите и железничките станици.

Кучињата можат да душкаат илјадници луѓе на ден и би можеле да бидат клучот за брзо и безбедно враќање во нормала.

Напиши коментар