Светот на модата продолжува со солидарни акции.
Среде глобалната пандемија COVID-19, луксузната групација Louis Vuitton Moët Hennessy објави дека привремено ги пренасочува погоните за парфеми и козметика кон производство на гелови за дезинфекција.
Производството е започнато, а геловите ќе бидат донирани во болниците и другите здравствени установи.
Така, козметичките капацитети на луксузните брендови за убавина, поточно Guerlain, Dior и Givenchy, дополнително се пренаменија за медицински цели.
Оваа акција на ЛВМХ е одговор на недостигот на средства за дезинфекција во Франција, а неделно планираат да произведуваат дури 12 тони хидроалкохолен гел.
Хуманитарни гестови во овие комплицирани моменти се очекуваат од сите што можат да помогнат, а оваа акција на ЛВМХ е продолжение на солидарноста во рамките на индустријата за мода и козметика.
Да се потсетиме дека инфлуенсерката Кјара Ферагни им донираше 100.000 евра на италијанските болници и собра над 4 милиони евра преку кампањата „Go Fund Me“.
Џорџо Армани обезбеди 1,25 милиони евра за болниците во Милано, Bvlgari му помогна на римскиот Национален институт за инфективни болести со финансирање скапа опрема, а Dolce & Gabbana го помогнаа научното истражување кое ги проучува реакциите на имунолошкиот систем од корона вирусот.
Kering, конкурентската групација на LVMH која ги вклучува брендовите како Gucci, Bottega Veneta, Saint Laurent, Balenciage и Alexander McQueen, досега донираше 2 милиони евра за оваа цел.
Овие се само некои од напорите на модната и козметичката индустрија да одговорат на медицинската криза, а секако очекуваме повеќе од нив.