Легендата на Лејкерс смета дека никој не сака да ризикува.
Легендарниот кошаркар Ирвин „Меџик“ Џонсон изјави дека доколку НБА одлучи да ја продолжи сезоната, натпреварите ќе се играат пред празните трибини.
Сезоната во најсилната кошаркарска лига во светот беше прекината на 11 март поради пандемија на вирусот корона, а поранешната ѕвезда на Лос Анџелес Лејкерс вели дека играњето без гледачи нема да претставува проблем за играчите да се прилагодат на тоа.
„Има надеж и мислам дека е потребно само еден натпревар за кошаркарите да се прилагодат на играње во теренот без публика на трибините“, изјави Џонсон за Си-Ен-Ен.
Поранешниот претседател на Лејкерс смета дека професионалниот спорт ќе игра важна улога во заздравувањето на нацијата по завршувањето на пандемијата на вирусот Ковид 19.
“Ни треба спорт, особено во вакви времиња, но само ако за сите се води грижа. Верувам дека спортот ќе се врати, најверојатно без навивачите на трибините”.
Тој верува дека НБА лигата нема да ја започне сезоната додека не се стабилизира кризата со вирусот во САД и додека сите играчи не бидат тестирани.
“Ќе дојде време, а комесарот Адам Силвер одлично се справи со НБА-лигата. Тој сака сите играчи да бидат безбедни пред да се вратат на теренот. Мислам дека спортот ќе се врати. Само прашање на време е кога ќе бидеме сигурни дека вирусот е под контрола и не влијае врз целата земја. Кога тие бројки ќе опаднат и ќе се стабилизираат, спортот ќе се врати “, заклучи Џонсон.