Дестинации

Од денес повторно ќе може да ги посетите археолошките локалитети во Грција

АТИНА – Повеќе од 200 археолошки локалитети што биле затворени поради епидемија на вирусот корона, денес повторно ќе бидат отворени за посетителите во Грција, соопшти Министерството за култура.

Археолошките локалитети се првата категорија на културни објекти што ќе бидат отворени за посетителите.

По нив, кината ќе работат повторно од 1 јуни, а музеите од 15 јуни, рече министерката за култура, Лина Мендони, во видео порака.

Археолошките локалитети ќе бидат отворени од 8:00 до 20:00 часот, со сите потребни мерки за заштита, во согласност со упатствата на Институтот за јавно здравје, пренесува АНА.

Ова значи дека посетителите ќе мораат да држат растојание од 1,5 метри, дека ќе се утврди максималниот број на посетители во исто време, ќе бидат обележани безбедни правци, ќе бидат поставени посебни влезови и излези и ќе биде поставен плексиглас, доколку е потребно.

Исто така, се препорачува употреба на заштитни маски, како и средства за дезинфекција.

Напиши коментар