Здраво тело

Руски лекар објаснува како да се развие имунитет на Ковид-19

Доктор по медицински науки и професор по патофизиологија на Московскиот прв државен медицински универзитет, „Сеченов“, Антон Јершов, објасни за „Росијска газета“ во какви услови се формира стабилен имунитет на вирусот корона.

Јершов смета дека оптимален случај за формирање стабилен имунитет на Ковид 19 е доколку текот на болеста е со среден облик без прекумерна употреба на лекови.

„Тогаш телото формира максимален имунитет на него“, прецизира тој.

Според професорот, вистинскиот имунитет кој обезбедува заштита од инфекцијата не може да се формира во два случаи: во случај на многу блага или исклучително тешка форма на болеста.

Во првиот случај, и покрај инфекцијата, доволна количина на вирус не влегува во човечкото тело за да го натера телото сериозно да ја третира инфекцијата и да развие антитела кон неа.

„Вториот случај кога не се создава имунитет е ако лицето било многу болно. Во случаи на екстремно сериозни симптоми на болеста, организмот ќе биде под толку голем стрес што сите свои сили ќе бидат насочени кон непосредно одржување на животот, а не кон формирање на заштита за во иднина. Телото едноставно нема доволно сила, односно протеини, за производство на антитела“, прецизира Јершов.

Специјалистот додаде дека проблемот со сегашниот корона вирус е што тој се појави неодамна и, соодветно на тоа, не помина доволно време за да го „запознаеме“ вирусот.

„Поради фактот дека станува збор за САРС, постои претпоставка дека имунитетот од Ковид 19 ќе трае две години. Но, нема потврдена информација дека тој ќе се задржи“, заклучи професорот.

На 11 март, Светската здравствена организација ја објави епидемијата од новата инфекција на корона вирусот, Ковид-19 за пандемија.

Според најновите податоци, повеќе од 3,56 милиони случаи на инфекција се регистрирани ширум светот, а повеќе од 248.000 луѓе починале.

Напиши коментар