Дестинации

Венеција ги моли туристите да дојдат и ја одложува наплатата на влез

Историскиот центар на Венеција го посетуваат повеќе од 20 милиони туристи секоја година, но центарот на овој италијански град е празен во последните месеци, што е необична слика.

Како резултат, градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро, апелираше до туристите да се вратат во градот веднаш штом ќе бидат укинати ограничувањата наметнати од пандемијата „Ковид-19“.

„На секој што има можност да патува во наредните месеци, му велам: Дојдете во Венеција! Ќе помогнете да испратиме сигнал до светот за опорувањето што започнува со убавината и културата“, напиша Бруњаро на Твитер.

Туристичката индустрија во Италија е силно погодена од пандемијата, а градоначалникот Бруњаро одржа прес-конференција на која ја повика италијанската влада на помош, барајќи продолжување на државната помош за туристичките работници.

Не толку одамна, поради прекумерен туризам Венеција забрани да пристигнуваат крузери и најави воведување на влезна такса од 3 евра вон сезоната и дури 10 евра во сезоната од 1 јули 2020 година.

Сепак, оваа одлука беше одложена до 1 јули 2021 година.

„За жал, се соочуваме со социјална бомба која е веќе активирана“, изјави градоначалникот за весникот Korijere dela sera пред конференцијата, осврнувајќи се на проблемот со недостаток на пари поради недостаток на туристи.

Кога туристите ќе се вратат во Венеција, не може да се каже за сигурно, бидејќи Италија е сè уште затворена за сите патници од странство.

Иако се најавени мерки за ублажување, тие во никој случај не се однесуваат на туризмот од кој всушност живее Венеција.

Напиши коментар