Дали ви се случува да тркнете по хамбургер во 11 навечер? Јадењето во овој период би му дошло нешто како “ужина” помеѓу вечерата и појадокот и секако – не е здраво доколку не внимавате што всушност јадете. Но, како да одолееме на предизвикот?
Трендот на јадење нездрава храна кога најмалку треба да се јаде стана се позастапен и кај нас. Деловните луѓе се почесто работат до доцна навечер. За нив не постои работно време. На повеќето од нас познато ни е дека одредена работа се работи се додека не се заврши.
Во такви услови на организмот му е потребен “енергетски допинг”, а најлесен и најбрз избор за тоа е брзата храна.
Во некои западни земји оваа појава е уште поизразена. Во САД, сопственик на ланец за брза храна тврди дека побарувачката во вечерните часови толку пораснала, што е направен посебна прехрамбена програма за овој дел од денот, а утврдени се и промотивни активности. И сето тоа се случува во периодот кога дебелината е американски национален проблем.
Зошто луѓето јадат навечер?
Затоа што работниот ден на современиот човек постојано се продолжува. Веќе не постои класично работно време од 7 до 3 или од 8 до 4, туку работата често “се носи дома” или се останува во канцеларија додека проектот не се заврши. Јадењето навечер не е карактеристично само за вработените, туку и за студентите. Со недели пред испит се учи деноноќно. Дури и ноќните часови се поповолни за учење заради мирот и тишината. Овие млади луѓе тогаш многу и не размислуваат за храната која ќе ја консумираат. Им треба нешто брзо и евтино, а прв асоцијација за тоа е брзата храна во нивна близина.
Преземете контрола!
Ако сте навистина гладни и одлучите да јадете доцна навечер, нема апсолутно ништо лошо во тоа. Но, внимавајте што јадете! Ако претходно сте имале здрав, обилен и избалансиран појадок и ручек, тогаш е помала веројатноста дека доцна навечер повторно ќе добиете желба за јадење. Испланирајте го вашето дневно мени однапред и навремено. Ако осетите глад навечер, каснете јаболко или напијте се една чаша јогурт. Нема потреба да “гнетете” нешто што мрсно и тешко. Подобро оставете го за утрешниот ручек. Избегнувајте го таканареченото емоционално јадење. Ако храната ви служи како утеха, тогаш подобро е да се соочите со вистинскиот проблем кој ве мачи. Навиките во исхраната не се менуваат лесно, но сепак се менуваат.
