Доаѓа пролет, период кога стануваме свесни дека одвај ги закопчуваме панталоните, па после првиот налет на паника, решаваме да се ставиме на диета.
Меѓутоа лекарите предупредуваат дека диетата е упатство кое треба да не води кон правилниот начин на исхрана и слабеење, а никако не е изгладнување и предизикување стресови на организмот.
Секоја диета подразбира одреден степен на гладување, заради кој на почетокот организмот се „буни“, бидејќи е навикнат на внесување поголемо количество на храна. Но кога вагата ќе покаже дека сте ослабнале 4 килограми, реално сте ослабнале само 1, бидејќи повеќето диети се на база на течности, па во организмот доминира вода. Кога ќе прекинеме со диетата, повторно се јавува потребата за храна и се враќаме на старата тежина.
Младите луѓе наместо ригорозни диети треба да бидат физички активни и да внимаваат на храната, односно да јадат три оброци во размак од 5 часа, па помеѓу нив да јадат лесна ужина.
При внесувањето на оброците наполнете ја чинијата само до цртата, таа не е само за dекорација, туку го означува количеството на оптимална порција. Исто така храната треба да ја базирате претежно на зеленчук, но она што диетите не го кажуваат, а е тајната на трајното слабеење, е фактот дека одвреме навреме треба да внесете и калоричен и мрсен оброк. Така вашето тело нема да заборави на мрсната храна, а ќе ја оддржите функцијата на жолчното ќесе, кое за време на диетите забавено работи.
Уште една замка на диетите е дека тие пропишуваат време во кое треба да јадете, на пример во 10 часот треба да е појадокот, во 15 часот ручекот и сл. Ова е добар план, но само доколку вашиот метаболизам е навикнат секојдневно да станува во 8 часот наутро. Доколку имате друг начин на живот, односно станувате подоцна или порано, прилагодете го времето на внесување на оброците на оптималното ниво за вас.
