Исто како кај повеќето органи, а особено кај мозокот, почестото користење допринесува за подобра работа. Затоа, најлошата работа која мозокот може да си ја дозволи е да не правите ништо.
Менталните стимуланси, но и физичкото вежбање се доста важни за работата и развојот на мозокот. Човечкиот мозок постојано расте, се менува и прилагодува. Иако и во староста може да дојде до обновување и раст на невроните, најчесто во овој период постои опасност од губење на менталните способности. Причина за ова може да биде болест, но за губењето на меморијата и моторните способности на мозокот виновна е неактивноста и недостатокот на ментални вежби и стимуланси.
Новото истражување на Универзитетите Newcastle и York потврди дека учењето на нов јазик може да го подобри начинот на кој размислуваме. „Веќе знаевме дека учењето нов јазик може да го подобри познавањето на мајчиниот јазик. Освен тоа, децата кои знаат два јазици се поинтелигентни, додека познавањето на два јазици кај старите го одложува почетокот на деменција“, вели професорката Вивиан Кук за Washington Post.
Но, покрај учењето на нов јазик, постојат низа вежби и навики кои можат да ја подобрат работата на нашиот мозок и да доведат до подобро размислување и памтење.
Комуникација
Едно истражување во Цирих, кое го пренесува BrainToday покажало дека личностите кои поминале специјализиран тренинг за когнитивни способности и тие кои ја поттикнале работата на мозокот со комуникација со други луѓе, финалниот тест го решиле подеднакво добро.
Затоа, најдобриот совет е да бидете интелектуално поврзани со другите, да разговарате со различни соговорници, на различни теми. Не само што ќе го вежбате мозокот, давајќи му поголем материјал за памтење, ќе бидете и побогати со информации и знаење.
Физички вежби
Мозокот е дел од телото и физичките вежби влијаат и на неговата работа. Така, на пример, ако секојдневно пешачите по еден километар, практикувате вежби кои го спречуваат намалувањето на мозокот, губењето на меморијата и го заштитувате центарот за учење. Истовремено ја зголемувате способноста на мозокот да се одбрани од болести и деменција.
Сон
Сонот е еден од начините за консолидација на мозокот. Со редовното и доволно долго спиење не само што подобро ќе памтите, туку ќе имате и повеќе енергија за новите интелектуални задачи, а ќе имате и поголема концентрација.
Учење
Без разлика дали учите да свирите нов инструмент, решавате крстозбор или учите за на факултет, редовните ментални вежби влијаат за подобро функционирање на мозокот. Обично решавање на судоку или играње „меморија“ со карти може да допринесе за продлабочување на „сивата материја“ и подобро користење при соочување со секојдневните предизвици.
Сеќавање
Сеќавањето на минатото, на настани од кои нè дели подолг временски период влијае поттикнувачки врз мозокот. Тоа овозможува подобро и подолго паметење на информациите и нивно подобро разбирање.
Позитивни мисли
Не е секое размислување исто. Како што постојат поттикнувачки мисли, така постојат и тие деструктивните. Препознајте кои преовладуваат со вашиот ум и обидете се тоа да бидат позитивните. Навикнете се на оптимистичко размислување кога мислите на иднината и тоа нека стане ваш примарен начин на размислување.
Стресот и проблемите, без разлика дали доаѓаат како надворешни фактори или се дел од нашите мисли, ги убиваат мозочните клетки и го спречуваат растот на нови. Хроничниот стрес е еден од главните непријатели на мозокот, бидејќи го уништува мозокот на клеточна база и го оневозможува неговиот развој.
Не го потценувајте
Не го потценувајте вашиот мозок и не се потценувајте себеси. Во ред е да имате личности на кои им се воодушевувате, идоли и репери за однесување и напредок, но не се потпирајте само врз нивното мислење. Слушајте совети, но одлуките носете ги сами. Вежбајте ја својата моќ за расудување и учите од грешките, тоа е најдобриот начин да го вежбате мозокот и да го подготвите за нови предизвици.