← НАЗАД НА БОЗА

Планирање на дневна соба

Планирање на дневна соба
3254 Читања

Од заедничкиот простор на домот направете омилен дел на сите членови од семејството и поминете пријатни моменти со вашите гости

Отворена дневна соба во комбинација на ахроматски бои и земјени тонови кои даваат топлина на праволиниските изведби на ѕидовите и столбовите.

Уредувањето на дневната соба е една од најдрагите фази во уредувањето на сечиј дом. Имајте ги предвид сите активности што се одвиваат во дневната соба, одморање, гледање телевизија, забавување, читање книги, дружење со пријателите и многу други нешта. Со тоа уредувањето на овој простор почнува со поставување цврсти идеи од кои ќе извира стилот и дизајнот на истиот. Оваа работа бара голема внимателност и планирање.

Шематско мерење
Пред да отидете во разгледување и купување на мебел за дневниот простор, измерете го. Избегнете го фијаското од купување мебел што димензионално не одговара на вашиот простор. Мебелот се адаптира според просторот, а не обратно. Со тоа ќе спречите елементите од мебелот да се премногу блиску еден до друг и ќе имате повеќе простор за движење. Направете мерење на сите ѕидови во должина и ширина, на прозорците и вратите, на секој отвор или столб, доколку ги има. Со помош на мерките направете добра шема на собата. Доколку сакате прецизна и лесно читлива шема, „Златен занает“ ви ја нуди можноста да добиете професионално нацртана во 2Д и 3Д, уредена или неуредена, секако по ваша желба.

Мебел по мерка

Откако просторот е добро измерен и осмислен, преминете на изборот на елементите што ќе ги поставите во истиот, имајќи ги предвид димензиите што ви се на располагање за идеален распоред што ќе одговара на вашите потреби и барања. Направете листа од сите елементи на мебел кои сакате да фигурираат во вашата дневна соба и за секој наведете соодветни мерки.

 

Стил на ентериерот

Стилот на ентериерот го одредуваат елементите и предметите што се наоѓаат во него. Тој секогаш зависи од вас. Без разлика за кој стил ќе се одлучите, имајте го севкупниот изглед на просторот секогаш пред очи. Модернистички, футуристички, идилен, традиционален… Изборот е голем. За да ги задржите дизајнот и замислата чисти, мебелот и додатоците треба да го подвлекуваат стилот на просторот што се уредува.

 

Поставување и декорирање

Следејќи ги досега наведените чекори, многу полесно ќе се одвива поставувањето на мебелот, а потоа и декорирањето на просторот. Ако добро сте испланирале и организирале, останува уште физичката активност. Бидејќи дневната соба е простор кој го користат сите членови на семејството и нивните пријатели за најразлични цели, важно е тој не само убаво да изгледа, туку истовремено да биде и функционален и удобен. Седечкиот елемент треба да е просторен ако семејството често и збирно практикува различни активности, како на пример гледање на телевизија. Ако не е тоа случај, може да ви послужи и изборот на софа. Телевизорот треба да се пласира на место со кое ќе се овозможи истиот да се гледа од сите агли на просторијата. Кафе-масата најчесто се поставува пред седечкиот елемент, но не мора да ја има. Замената за неа се наоѓа во неколку помали масички поставени непосредно крај седечкиот елемент. Често во дневните соби се поставуваат работни маси, па обезбедете дел од просторијата за тоа кој нуди поголема приватност. Потоа преминете на поставување на останатите елементи, како регали, шкафчиња, полици, килими и на крај декорот, со цел да се задржи акцентот на основниот дел од просторијата. Нагласете го основното, а споредното држете го во заднина. Чувството што го рефлектира дневната соба, се базира на изборот на материјалот и боите, како на мебелот, така и на ѕидовите и декорот. Обрнете внимание на осветлувањето, тоа е битен сегмент во уредувањето на секој дел од домот. Тоа секако зависи од поставената замисла во вашите глави. Сепак, дневната соба сама по себе бара просторност и отвореност, јасност и светлина. Следејќи го ова парцијално планирање ќе добиете стилски уредена и воедно убава и функционална дневна соба по желба.

 

 

Коментари

© 2011 boza.mk | Дизајн - element.mk