И покрај својот јак и, за некои лица непријатен мирис, лукот уште од многу одамна се користел како здрава храна, но и како лек.
Лукот содржи околу 200 биолошки активни соединенија, а многу од нив се важни во превенцијата на многу заболувања. Така на пример, супстанцијата алицин, која ја содржи лукот има антивирусно, антибактериско и антигабично дејство.
Покрај тоа, лукот е богат со минерали, калциум, суулфур, фосфор, железо, јаглени хидрати, сулфурни етерични масла, азотни материи, алин, ферменти и витамини: А, Ц и витамини од Б-групата (Б1, Б2, нијацин и др.). Лукот е и антиоксиданс, бидејќи е богат со аминокиселини кои содржат сулфур.
Како најпопуларен лековит зеленчук на традиционалната медицина, лукот во втората половина од минатиот век станал објект на бројни научни истражувања. Овие истражувања ја потврдиле неговата сестрана лековитост. Резултатите од големата клиничка студија, која испитувала околу 50 000 жени од Ајова (САД), на возраст од 55 до 65 години, покажале дека лукот е зеленчук кој, во голема мерка, штити од рак на дебело црево.
Исто така, белиот лук го намалува и холестеролот во крвта, а со тоа го спречува настанувањето на атеросклерозата на крвните садови.
„Лукот го спречува настанувањето на крвните тромби, што е веројатно многу побезбеден начин на превенција, отколку секојдневното земање на аспирин, кое може да доведе до крварење во желудникот“ тврди Dr. Patrik Holford, основачот на Институтот за оптимална исхрана во Лондон. Испитувајќи ги причините за долговечноста на жителите на италијанското село Campo di Mele, кое се наоѓа на 130 км јужно од Рим, експертите на Светската Здравствена Организација дошле до заклучок дека структурата на исхраната на тие луѓе е главна причина за нивната долговечност.
