Да, знаеме дека ова не е класичен рецепт за crumble.
Кога ќе започнете со еден рецепт, се префрлувате на друг и на крај добивате своја интерпретација – во тоа е шармот на играта во кујната.
Она што е важно е дека десертот се прави за само дваесет минути, бидејќи не бара печење како класичниот crumble , кујната мириса на цимет, а гостите се воодушевени.
Состојки:
- 3 поголеми кисели јаболка
- сок од половина лимон
- 5 лажици шеќер
- 1 лажица вода
- цимет и морско оревче
- 200 гр грчки јогурт
- 1 ванилин шеќер
- рендан кора од лимон
- мелена плазма, сецкани лешници/бадеми/ореви по желба
Подготовка:
Изренданите јаболка варете ги на среден оган со шеќерот, сокот од лимон, водата, циметот и морското оревче, сè додека водата не испари и смесата не се карамелизира.
Оставете да се излади.
Измешајте го грчкиот јогурт со ванилин шеќер и рендана кора од лимон.
Во подлабока чаша ставете ги јаболката па потоа грчкиот јогурт, посипете со мешавина од мелена плазма и сецкани бадеми.
Можете да ги повторите слоевите, да ги редите бесконечно… оставете го тоа на вашата имагинација!
Уживајте!