Најголемите светски измами
Данокот (не) треба да се плати
Во средината на деведесеттите години, Даниел и Кит Андерсон, Дејвид Струкерман, Лоренцо Да Матија, заедно со своите соучесници го основаа Институтот за глобален просперитет. Во следните неколку години, тие основаа и други фирми со слични имиња, кои беа поврзани со Глобалната просперитетна група.
Во периодот помеѓу 1996 и 2002 година продаваат касети, CD-иња и организираат семинари со кои наводно обучуваа луѓе како да го избегнат плаќањето на даноци со пронаоѓање на “дупки” во законот и во уставното право.
Идејата која што измамниците ја продаваа беше едноставна – наводно американските даночни власти го кршат Уставот кога наплаќаат данок на промет. Институтот функционираше како маркетинг компанија на повеќе нивоа.

Постојат четири нивоа. Клиенти од прво ниво G1, плаќаа $ 1.250 за касети во времетраење од 12-часови на кои се наоѓаа наводно корисни информации. Клиентите беа охрабрени снимките да ги продаваат на своите роднини и пријатели, така што добиваа 80% профит од продажбата.
Како луѓето продаваа касети, се искачуваа на скалата во компанијата и им беа доделувани нови “материјали” за постигнување на нови финансиски успеси. За следните три нивоа се организираа семинари за кои требаше да платат помеѓу 6.250 и 37.000 долари.
Се верува дека повеќе од 70 илјади луѓе имаа дадено пари, а измамниците успеаа да соберат околу 300 милиони долари. Само од продажбата на касети и CD-иња, измамниците успеаа да заработат меѓу 50 и 100 милиони долари. Сите организаторите кои беа дел од оваа измама беа уапсени и против нив се води судска постапка. Голем број од измамените луѓе водат судски постапки против државата заради затајување на даноци.
