Motherhood

Моменти за време и по бременоста кои никој не ви ги кажал – III дел

Никогаш нема да излезете на време од дома

Колку време и да сметате дека ви треба да се спремите за да излезете од дома, помножете го со три. Како по правило, детето ќе се искака во моментот кога вие зачекорувате низ прагот, или веќе сте стигнале до половина пат – кога сфаќате дека сте ја заборавиле торбата и ќе мора да возите назад. Бебињата се познати по тоа дека ги реметат плановите и затоа, советот е едноставен: обидете се да не се нервирате премногу

Кога луѓето ќе ве прашаат дали ви треба помош – секојпат кажете ДА!

Ако сте тип на човек кој мрази да ги моли другите за помош, сега е време да ја смените таа карактерна црта. Вашите пријатели и блиски ќе се чувствуваат среќно што ви помогнале, а вам во секој случај помошта ви е повеќе од потребна. И немојте да ја гризете раката која ве храни – ако аголот под кој сестра ви го држи шишенцето ве нервира, излезете од собата! Тоа е многу подобро одошто да се мешате и да се расправате со неа.

Дури и да не сте компетитивен тип, ќе бидете вовлечени во разговори од типот „моето дете е по… од твоето“!

Без разлика колку е убаво – и важно – да имате дружба со другите мајки, тоа евентуално ќе си го земе данокот во моментот кога другите жени ќе почнат да се фалат колку нивните деца се напредни. Ако вашето дете сѐ уште не почнало да оди а другите деца веќе трчаат, можно е да се почувствувате инфериорно. Ако се најдете во ваква ситуација, тактично свртете го разговорот на нешто што и вашето и нејзиното дете го прават, или пак едноставно извинете се и „прошетајте“ до тоалетот.

 

Да се биде сама е најубавото чувство на светот

Го сакате сопругот и бебето, се чувствувате толку среќно и благословено што ги имате во животот, но на моменти навистина ви е смачено од нив. Кога ќе почувствувате дека повеќе немате трпение – излезете! Истуширајте се, излезете на кратка прошетка или пак направете си освежителен пијалак и читајте списание, додека за бебето се грижи сопругот или некоја пријателка или роднина на која сте ѝ рекле „да“. Времето кое ќе го поминете сама е клучно за вашето ментално здравје. Секако дека во првите неколку недели нема да можете да одите на луксузни масажи и третмани во салон за убавина, но крадењето на малку време за себе ќе ви даде доволно енергија да се вратите во првите редови.

 

Напиши коментар