Децата уште од најмлада возраст учат врз база на искуството кому да му веруваат, а кому не, па многу од нив ќе наседнат на некој трик на возрасните само еднаш и никогаш повеќе, утврдија канадските стручњаци од Универзитетот Конкордија во Монтреал.
Иако генерално имитираат гласови, изрази на лицето или постапки на возрасните, децата на возраст од 13 до 16 месеци често тоа нема да го прават доколку станува збор за постапка на личност која пред тоа ги излажала, вели тимот научници предводен од психологот Дијан Пулен-Дибуа, пренесува AFP.
Демонстратори пред деца на наведената возраст ставале рака во кутија и правеле возбудени изрази на лицето, а после тоа на децата им била покажувана содржината на кутијата – во некои од кутиите имало играчки, во други не.
Потоа, истите демонстратори пред децата вклучувале светло, но не со рака, туку со чело. Кога и децата биле охрабрени да го повторат тоа, само 34% го имитирале човекот кој претходно „ги излажал“, додека тоа го сториле 61% од дечињата чиј демонстратор во претходната задача ја заслужил нивната доверба.
