Непочитувањето на моралните вредности, измамите и недовербата меѓу деловните партнери ги принудуваат граѓаните да склучуваат договори заверени пред нотар. Општата недоверба во последните години нé принуди да не си веруваме еден на друг, брат со брат, татко со син, па затоа секој гледа во случај на почнување бизнис или градење нова куќа правно да се заштити со валиден документ во џеб за стекнатата сопственост, вложените или позајмените пари на друг. Недовербата и во исто време желбата да се заштити претходно спечаленото водат дотаму што и идните брачни партнери прво одат пред нотар, а потоа пред матичар.
Оваа практика, карактеристична во земјите каде што има лица со крупен капитал, полека станува тренд и во нашата земја. Иако бројот на предбрачните договори според неофицијалната адвокатска статистика изнесува стотина во последните години, младите брачни двојки сé почесто пред свадбата прво го посетуваат нотарот.
Пред матичарот се заколнуваат на вечна љубов, а пред судот потпишуваат предбрачни договори. Обично тоа се добро ситуирани бизнисмени, спортисти и пејачи. Практиката, која е релативно нова во Македонија, покажала дека ваков договор обично потпишуваат луѓе што најчесто зад себе веќе имаат пропадната брачна заедница, па на овој начин се обидуваат да го „зачуваат“ имотот за децата од претходните бракови.
