Motherhood

Како да се научи детето на домашни обврски?

Помошта од вашето дете не е добра само за вас, туку и за него. Исполнувајќи ги домашните обврски, тоа ќе се научи на одговорност, организираност и самодисциплина, што ќе му биде од голема помош кога ќе дојде време да стане посамостојно.

Исто така, за детето многу е важно да знае што се очекува од него во домот, да почувствува дека е корисно и дека е способно да им помага на другите. Постепено, преку извршувањето на неговите обврски, вашето дете ќе научи што сè треба да се направи за да функционира едно домаќинство.

За да го натерате вашето дете да ви помага, треба да го мотивирате. Еве неколку совети како да го направите тоа:

  • Играјте игри. Ако вашето дете е мало, тоа преку помагањето сака да игра, додека поголемите деца сакаат да знаат дека работат рамноправно со останатите во куќата. За да го научите вашето дете да помага преку игри, можете да му предложите да се натпреварувате во тоа кој побрзо ќе ја исполни својата задача. Друга варијанта е да му дозволите да ја игра омилената игра, но само откако ќе исполни одредена обврска (на пример, собирање на расфрланите играчки, подредување на боенките и сл.)
  • Вклучете се во исполнувањето на обврските. За да ја зголемите мотивацијата кај вашето дете, вклучете се и вие. На почетокот демонстрирајте му чекор по чекор како треба да ги извршува своите обврски. Потоа, дозволете му да ви помогне. Кога ќе видите дека може да се справи само, дозволете му самостојно да ја сработи задачата, а вие само надгледувајте го. Откако ќе се усоврши во исполнувањето на обврските, оставете го само да покажува што знае и умее.
  • Направете да му биде интересно. Не му давајте секој ден исти задолженија, за да не му станат монотони и рутински. Кога ќе совлада една задача, веднаш поставете му нова. Само преку разнообразни задачи вашето дете ќе учи нови работи и ќе стекнува нови навики.
  • Не го казнувајте. Не смислувајте казни за лошо завршената работа, затоа што тие во никој случај нема да ви бидат корисни. Напротив, тие можат да доведат до создавање на одбивност кај детето кон домашните обврски.
  • Пофалете го и наградете го. Кога ќе видите дека вашето дете ги исполнува обврските или дека се труди да ги исполни, не пропуштајте да го пофалите. Пофалните зборови им делуваат стимулативно на децата, а често им значат повеќе од паричните награди. Паричните награди не се препорачуваат за многу мали деца, затоа што не се доволен мотив за нив и може да одбијат да ги извршуваат обврските.
  • Бидете јасни и конкретни. Не му давајте двосмислени или премногу општи задачи кои можат да го збунат, како „Расчисти“. Кажете што конкретно треба да расчисти („Намести го креветот“ или „Стави ги алиштата во плакарот“) и наведете рок во кој треба да ја исполни задачата. На овој начин детето ќе научи и да го планира своето време.
  • Кога вашето дете ќе научи да чита, направете список со задачите.Избегнувајте ги долгите задачи кои ќе му скратат од времето за играње.
  • Поставете си разумни очекувања. Не очекувајте дека вашето дете одеднаш ќе стане најодговорното дете на светот, па не си поставувајте преголеми очекувања. На почетокот резултатите нема да бидат совршени, но со тек на време тие ќе се подобруваат.

Напиши коментар