Motherhood

Се за спонтан абортус

Причините за спонтан абортус може да бидат различни. Често пати причината никогаш нема да биде утврдена. Врз најголемиот број на спонтани абортуси во првото тромесечие, не може да се влијае и се работи за некоја абнормалност при самото настанување на бременоста. Најчести причини се:

  • Проблеми со хромозомите кај фетусот. Ова е најчеста причина за спонтан абортус во првото тромесечие. Всушност во овој случај се работи за гршка во генетскиот материјал. Ова се случува заради тоа што јајце клетката или сперматозоидот биле со хромозомска абнормалност или пак настанал проблем уште во почетокот при делбата на клетките на зиготот.
  • Така наречен Blighted ovum. Кај оваа бременост има гестациска вреќичка, но ембрионот или престанал да се развива премногу рано или воопшто не постоел.
  • Хормонално пореметување кај мајката. Спонатан абортус може да се случи и ако жената нема доволно или има премногу од некој хормон. На пример абортусот може да биде предизвикан од недостаток на прогестерон (овој хормон уште е наречен чувар на бременоста).
  • Некои инфекции, на пример: Листерија, Хламидија ит.н.
  • Миоми на матката. Миомот зависно од местото на кое се наоѓа, може да не му остави простор на бебето за нормално да се рзвива или пак да го попречи нормалниот доток на крв преку плацентата.
  • Автоимуни заболувања, дијабетес, тромбофилија ит.н.
  • Возраста на мајката. Над 35 години, како што расте возраста растат и шансите за спонтан абортус.
  • Ако претходно сте имале спонтан абортус. Повеќето парови после 1 или 2 последователни абортуси немаат никакви проблеми со зачнување или одржување на бременоста, но во некои случаи шансите за спонтан абортус се зголемени.
  • Животниот стил на мајката: имате поголеми шанси за спонтан абортус доколку пушите, пиете алкохол, земате некаква дрога или дневно внесувате повеќе од 200мг кофеин.
  • Спонтаните абортуси во третото тромесечие најчесто се јавуваат заради: аномалии на матката, проблеми со плацентата, некомпетентен цервикс (вратот на матката се отвара премногу рано и не може да се дочува бременоста) или некое друго заболување, иако не се исклучени и хромозомските аномалии.

Знаци на спонтан абортус

  • Најчестиот знак е вагинално крварење. Крварењето може да биде во вид на спотинг (многу слабо, точкесто крварење) или пак може да биде обилно со парченца ткиво. Бојата на крвта исто така варира од светло црвена до темно кафена. Ако се јави крварење под итно заминете на лекар. Имајте на ум дека кај половина од случаите на крварење во раната бременост, нема никакви штетни последици врз одржувањето на бременоста.
  • Болки или грчеви во долниот дел на грбот. Слични на менструалните, но најчесто се посилни.

Видови на спонтан абортус

Постојат повеќе вида на спонтан абортус:

Заканувачки спонтан абортус

Во овој случај постои крварење или болка во долниот дел од грбот, но цервиксот е се уште затворен. Често се препорачува жената да лежи. Има големи шанси бременоста да се одржи и нормално да продолжи до крај.

Неизбежен спонтан абортус

Кај овој тип на спонтан абортус крварењето и болката во долниот дел од грбот се придружени со отворање на цервиксот.

Комплетен спонтан абортус

Кај овој абортус матката е целосно испразнета од ембрионот и сите ткива од бременоста. Исчистувањето најчесто се јавува во вид на обилна менструцација, пропратена со згрутчена крв и парченца ткиво. Нема потреба од дополнителна интервенција. Крварењето и болките набрзо престануваат.

Некомплетен абортус

Во овој абортус не дошло до целосно исчистување на матката, туку делови од ткивото се задржале внатре.

Одложен спонтан абортус

Кај овој тип на абортус, иако ембрионот е мртов, не доаѓа до негово спонтано исфрлање од матката. Можно е да се појави само мало количество на темно кафена крв. Често пати жената не е ни свесна дека доживела абортус, туку тоа го дознава на ултразвучен преглед.

Третман во случај на абортус

Главната цел на третманот во случај на абортус, е да не дојде до големи крварења или инфекција кај жената.

Третманот зависи од тоа дали матката спонтано се исчистила од остатоците од бременоста или има потреба од интервенција.

Колку порано ќе се заврши бременоста, толку се поголеми шансите телото само да ги исфрли сите остатоци. Во оваков случај нема потреба од никаква интервенција.

Доколку не дошло до спонтано исфрлање на ткивото, со цел да се запре крварењето и да се спречи можна инфекција, најчесто се прави киретажа на матката.

Понекогаш е можно да се интервенира со медикаменти, за да се избегне киретажата и да му се помогне на телото во целосното исфрлање на ткивото.

Физичкото опоравување на жената е релативно брзо. Најчесто трае неколку седмици. Обично по 4-6 седмици доаѓа нормална менструација. Должината на физичкото опоравување зависи и од траењето на бременоста. Кај подолга бременост е потребно подолго опоравување. Понекогаш некои од хормоните на бременост може да се задржат во организмот 1-2 месеца.

Но она што е потешко и подолготрајно е психичкото и емоционалното опоравување. Губењето на бременоста е трауматично искуство за двајцата родители. Често пати жената е следена од чувство на: депресија, тага, бес, вина и сл.

За повторен обид со бременост е доволно да се почека доаѓањето на еден нормален менструален циклус, но можеби е подобро да почекате и со емотивното закрепнување. Тоа е Ваша одлука и тука нема точно и погрешно. Обидете се повторно кога ќе се чувстувате спремни за тоа. Нема никаква причина следната бременост да не биде совршено нормална.

Повторувачки абортус

После 3 последователни абортуси, се вели дека станува збор на повторувачки абортус. Кога се работи за оваков случај се прават низа испитувања, за да се утврди причината која води до тоа да се случуваат абортусите.

Кога ќе се открие причината, зависно од нејзиниот вид, се превземаат соодветни мерки. Сепак понекогаш причината не се открива. Но и во таков случај, парот има големи шанси следната бременост да биде успешна.

Освен класичните ултазвучни испитувања се прават:

  • Кариотип – со ова испитување се проверува дали има некои хромозомски аномалии кај двајцата родители.
  • Испитување на хормоните кај мајката.
  • Микробиолошко испитување на двајцата родители. Понекогаш причина за спонтаните абортуси може да биде некоја инфекција на уро-гениталниот тракт.
  • Имунолошки испитувања. Понекогаш организмот на мајката може да не го препознава бебето како свое и да го нападне.
  • Хистероскопија. Се гледа внатрешноста на матката, за да се утврдат евентуални аномалии. Кога се работи за аномалија на матката, абортусите често се случуваат во второто тромесечие.
  • Биопсија на ендометриумот на матката. Со ова се гледа дали хормоните имаат правилен ефект врз матката.

Напиши коментар