Motherhood

Оставете ги децата да прават грешки

Една од најчестите грешки што ги прават модерните родители е претераниот заштитен став што го имаат кон своите деца. За да ги заштитат своите деца од евентуални повреди, родителите честопати одат во крајности и ги чуваат под „стаклено ѕвоно“.

За да пораснат, да станат совесни и да бидат свесни за нивната околина, децата мора да го искусат светот околу себе на своја кожа. Ниту еден родител не сака да го види своето дете како плаче откако паднало од велосипед, ролерки, итн., но тоа е исто така дел од растењето.

Растењето е трнлив пат, полн со предизвици и стапици во кои децата честопати паѓаат. Тие не се возрасни и не ја гледаат можноста дека можат лесно да паднат од висока гранка од дрво, дека столот под нив не е доволно силен и може да се преврти, дека паркетот е лизгав и дека не треба да трчаат низ куќата.

За да може детето да порасне, тоа мора да падне доволен број пати. Секако дека сте таму како родител да му понудите рака да стане. Се разбира, сè треба да има свои граници и секој од вас треба да процени до кој степен ќе му дозволите на детето да го истражува светот околу себе.

Понекогаш е тешко за родителите да прифатат дека нивното лично искуство им значи многу малку на нивните деца. Додека не ги направат своите грешки, многу е тешко за децата да ја разберат длабочината на проблемот.

Откако ќе дознаат дека има граници, децата очајно ќе сакаат да ги поместат. Не мора да бидете на другата страна и да давате отпор. Може да бидете нивни придружник, некој кој ќе ги охрабри и надгледува, наместо да им брани сè што сакаат да направат.

Родителите кои ги оставаат своите деца да прават грешки, го истражуваат светот околу нив и паѓаат доволен број пати, се свесни дека им прават услуга. Тоа не е недостаток на грижа за детето, како што може да мисли другата страна. Се работи за подготовка за живот.

За да ја пронајдат својата независност и да откријат за што се создадени, децата мора да ги испитаат границите на нивните можности.Трпеливоста е клучен фактор. Родителите мора да се вооружат со трпеливост ако сакаат да ги подготват своите деца за предизвиците што ги носи животот. Да се биде трпелив и да чекаш детето само да извлече заклучок од неговите постапки и грешки е далеку поефикасно отколку да му дадете сè на послужавник, тврдат психолозите.

Од грешките се учи, а не секоја грешка е неуспех. Со доволен број повторени обиди, детето се учи на упорност. Затоа, оставете ги да грешат.

Напиши коментар